Бучковски на прес-конференција: Заедничката историја не може да ја промениме ниту јас, ниту Захариева

На денешната заедничка прес-конференција со бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, специјалниот претставик за Бугарија, Владо Бучковски, изјави дека имал конструктивни разговори.

– Повеќе од еден час имавме тет-а-тет средба. Признавме дека е нарушена довербата. Јас го изразувам лично своето задоволство што пријателска Бугарија го смета моето назначување, како дополнителен напор за да ја вратиме изгубената доверба. Во периодот кој претстои повеќе да се фалиме со сработеното – истакна Бучковски.

Тој потенцира дека заедничката историја не може да ја промени ниту тој, ниту министерката Захариева.

– Но, можеме да ги промениме работите во инфраструктурата, капиталните проекти, посилна соработка во образованието и науката и правец за зближување на двата народи – изјави Бучковски.

На почетокот на прес-конфенерцијата, министерката Захариева рече дека назначувањето на Бучковски од страна на премиерот Зоран Заев е чекор во вистинска насока за продолжување на проговорите меѓу двете земји.

Дека изборот на Бучковски е прифатлив од бугарската страна, министерката го потврди со тоа што специјалниот претставник ќе има средба со неа, премиерот Борисов, претседателот Радев, како и со вицепремиерот Каракачанов.