Будали ли сме ние што останавме?

Читам од Србија си заминале видни луѓе и ја потресло нацијата, видни,  мислам, од научната сфера. Првиот човек кој го направил компјутерот „Галаксија“, кој силно беше промовиран во тоа време во ултра популарното научно списание со исто име. „Нердовите“ кај нас веднаш се сјатија во дебата, но не за емигрирањето, туку како за почетоците на компјуерската технологија на овие простори. Добро бе, зарем не ве допре фактот што вашите идоли конечно си заминуваат? Не, тоа е нормален процес. Нормален!?!?

Треагедија на еден народ е кога не успаева да ги задржи своите најголеми дејци во било која област, но факт е дека тоа не им успева и на многу појаки и поразвиени земји. Тесла не бил абдал што се запатил во Америка, не дека и таму во конкурентската борба поминал најдобро, но сепак, оставил вечна трага. Да отишол во Кина или Русија? Па, сигурно со Распучин ќе бркале сојки, а ние ќе се прашувавме во која тегла им е зачуван органот.

Светот е моја школка

Секогаш имало миграции, каде имало можност за матерјален и научен просперитет. Се мигрира, и за некои тоа е единствена можност да се остави „направи нешто“ во животот. Цел век и повеќе, тоа е Америка, утре ќе биде можеби Кина, зависно како ќе се концетрираат истражувачките центри, но и можноста, општеството даде можност за слободно претприемаштво како либертаријански пристап. А ние? Ние по леб одиме. Подобар живот, пораат живот, бараме средина каде нештата функционираат. Добро, па будали ли сме ние што останавме?

Комси – комса

Стариот мој во 1979 година доби понуда, и тоа на мои очи, иако бев ептен млад, од една швајцарска компанија која му понуди долгогодишен менаџерски договор, вработување за мајка ми, најдобри школи за децата, нас. Татко ми ништо не кажа. Во тој миг, човекот крена една актовка, Делси, ја отвори на маса пред него и како на филм, во неа 50.000 швајцарски франци само за да го потпише договорот. Мене ми тутна 100-ка во раце да ме почасти. Стариот само сврте со главата и рече: Не! Јас не разбирав многу, исто како денес, ама цел живот до крај се расправав и му се лутев оти не прифати. После тоа се ни тргна удолу и нему и нам и на земјата… се прашувам до ден денс, какво фајде имаше што како најдолни грешници се изнамачија моите во децениите кои следеа? Он традиционален, со крстот и петокраката на чело, да се пушти корен, да се остане тука, емотивец, врзан за 10 ружи во дворот кои ги посади и ме завети кога ќе умрел покрај нив да го изнесат. Ружите стојат, и денес едвај ги одржувам, он децении како е заминат.

Нема добар одговор

Паметам од времето на 103-ка, Зависна Листа, ми се јавува млад момак и ми вика дека ќе си замине. Му викам ти посакувам се најдобро. Тој продолжува, ама сакам да останам, сакам да помогнам, сакам да направам промена… Мојот одговор му беше остани и мушки бори се без глед на исходот, проифати одговорносот за своите одлуки и не кукај и обвинувај после некој друг. Дали погрешив или не, не знам, но немам подобар одговор, бидеејќи ако сите кога е тешко се „пакуваме“, кој ќе ја оправи земјата? Политичари – паразити кои со децении цицаат и ништо не прават? Бизнисмени кои редовно и постојано се рекетирани и не можат глава да кренат од прогон на партии и институции, а ние одма ги жигосуваме? Здраство од кое ќе ти се омили да испуштиш душа насмеан за да куртулиш? Знам само дека низ маката и тешкотијата се спасуваме, страданието е ултимативна промена и конечно најголемиот моќ. Колку излитено да звучи.

Маката изгледа дека е електромагнет за придвижување на состојбите на некое не-практично, не-прагматично, не-реално ниво, бидејќи сите одговори се покажаа како промашувања и замајувања. Знам само дека се’ повеќе се трудам да сум благодарен за овој живот, во недостојно окружување, на неспособни суетни кои манипулираат… и некое чувство дека и покрај сета нивна ароганција се чувствувам како победник, но има време да биде уште полошо. Вие, арни?

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.