Будимпешта е близу нов договор со Москва за гасот, не гледа причина за санкции од САД

Унгарија и Русија се блиску до потпишување на нов договор за снабдувањето со гас, изјави унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто, и притоа истакнува дека не гледа причина од американските санкции воведени против земјите кои се вклучени во гасоводни проекти со руската страна.

„Близу сме до потпишувањето нов договор за испорака на (рускиот) гас во Унгарија по октомври 2021 година, кога истекува сегашниот долгорочен договор. Пред нас е договор за количествата и склучувањето нов договор за следниот период“, вели Сијарто во интервјуто за московскиот дневен весник Известия.

Шефот на унгарската дипломатија истакнува дека во интерес на неговата земја е да поддржува проекти кои го олеснуваат снабдувањето со природен гас.

„Ние сакаме да ја поврземе нашата (гасоводна) мрежа со Словачка, сакаме да работиме на испораките меѓу Украина и Унгарија. И, исто така, сакаме да имаме можност да купуваме гас од југ преку Турски тек“, вели Сијарто.

Во моментов на сила се два договора за снабдување на Унгарија со гас од Русија, меѓу руската компанија „Газпром“ и унгарската „Panrusgaz“, кои важат до крајот на 2021 година. Според овие договори, природниот гас од Русија во Унгарија се испорачува преку Берегово на украинско-унгарската граница и Баумгартен на словачко-австриската граница.

Унгарскиот договор со „Газпром“ е за испораки на 4,2 милијарди кубни метри гас во периодот од октомври оваа до октомври следната година. На крајот од минатата 2019 година, снабдувањето на Унгарија изнесувало 10.522 милијарди кубни метри, а во првиот квартал од 2020 година изнесува 1.238 милијарди кубни метри гас.

Во истиот разговор, шефот на унгарската дипломатија се осврнува и на заканите од САД кои веќе наметнаа санкции за Германија и компаниите вклучени во германско-рускиот гасовод Северен тек 2. Сијарто притоа отфрла дека Унгарија би можела да ја замрзна својата соработка со Русија во енергетскиот сектор поради притисок од Вашингтон.

„Ние живееме во Централна Европа, не на Месечината или на Марс. Нашиот живот е полн со влијанија, полн со обиди за мешање и вршење притисок врз нас. Така што ние сме навикнати на тоа. Ние се грижиме исклучиво за националните интереси на Унгарија. Во овој случај, важно за нас е да гарантираме непречено снабдување на земјата со електрична енергија и со природен гас. Ќе кажам многу јасно, колку повеќе цевководи одат кон Унгарија толку подобро“, вели Сијарто.

Унгарскиот дипломат порачува дека не гледа никаква причина зошто Будимпешта би требало да се повлече од тие проекти или „да бараме дозвола за тоа“.

„Станува збор за наше снабдување со гасот, за нашата (енергетска) безбедност. Имајќи ја предвид историјата, како и географијата, преовладувачките гасоводни мрежи, инфраструктурата на Централна Европа, можам да кажам дека рускиот гас ќе продолжи да игра важна улога на континентот. Па зошто би се откажале од таква соработка“, вели натаму Сијарто.

Посочува дека копнената делница од гасоводот Турски тек не е меѓународен проект. Сијарто укажува дека Бугарија, Србија и Унгарија едноставно работата на финализирање и усогласување на националните цевководни системи.

„Кој се осмелува да нѐ казни за изградба на гасовод од 15 километри на територијата на Унгарија, гасовод кој ќе ги поврзе српските и унгарските државни системи? Мислам дека сите треба да ги почитуваме интересите на другите. Повторувам, нашиот интерес е да обезбедиме сигурно снабдување со гас за земјата. Затоа што унгарската влада на крајот е одговорна пред граѓаните за снабдувањето на нивните домови и производството на енергија“, додава Сијарто.

 

Енергетска соработка

Унгарија на почетокот од 2014 година со Русија договори изградба на реактор со моќност од 1.200 мегавати и реконструкција на двата постоечки реактора, проектот Пакс 2. Деталите од договорот се прогласени за тајна во следните 30 години, при што работите на изградбата ѝ се доверени на руската компанија „Росатом“, а проектот според сомневањата во Брисел го финансира Русија со кредит од околу 10 милијарди евра. Првиот реактор во функција би бил ставен во текот на 2023 година. Русија во 2014 година најави дека ќе издвои повеќе милијарди долари за финансирање на државната компанија „Росатом“ за градење на реакторите во унгарската нуклеарна централа.

Унгарија се потпира на увоз на нафтата и природниот гас од Русија, но критичарите тврдат дека проектот за изградбата на реакторите ја прави Унгарија уште позависна од руските енергенти. Во ноември 2015 година Европската комисија покрена постапка против Унгарија поради индиректно склучување договор со „Росатом“.

Европската комисија ја одобри во март 2017 година финансиската помош за овој проект од кој 80 отсто, односно 10 милијарди евра, ќе го финансира Русија преку заем одобрен за Унгарија. ЕК долго го разгледуваше овој проект за да ја провери неговата економска одржливост и усогласеноста со европските прописи, бидејќи работата е доделена без јавен оглас, а го оспоруваше слабата унгарска опозиција.

Унгарија се согласила добивката којашто ќе ја генерираат проширените капацитети на нуклеарната централа во Пакс ќе ги врати на државата на име поврат на вложувањата односно да се искористат за покривање на вообичаените трошоци на работењето. Добивката нема да може да се користи за реинвестирање во градењето или купувањето дополнителни капацитети за производство на енергија.

За да се избегне пазарната концентрација, Пакс 2 ќе биде правно и функционално одвоено од енергетската компанија „МVМ Group“, којашто управува со нуклеарната централа за добивање електрична енергија. Pокрај тоа, најмалку 30 отсто од вкупно произведената струја Пакс 2 ќе мора да ја понуди на отворената берза на електрична енергија. Остатокот ќе се продава на отворени аукции.

 

Рускиот авион „Ил-103“ може да се произведува во Унгарија

Претходно во вторникот руското министерство за индустрија и трговија, по средбата на министерот Денис Мантуров и шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто, соопшти дека производството на едномоторниот авион од типот „Ил-103“ би можело да биде организирано во Унгаријата во постројките на компанијата „Magnus Aircraft“.

„Денис Мантуров се осврна на добрата динамика во реализацијата на проектот за производство на авкионите ‘Ил-103’ во објектите на унгарската компанија ‘Magnus Aircraft Corp’. Во моментов завршени се работите за подготовка на договорот за лиценца, кој, како што очекува министерот, страните ќе може да го потпишат во блиска иднина“, се вели во соопштението на руската страна.

Се истакнува и дека „соговорниците разговарале и за антикризниот план на Владата на Руската Федерација, за моменталната состојба на соработката во областа на производството на авиони, фармацевтската индустрија и космичкиот сектор, како и за голем број заеднички проекти, вклучително и за испораката на железнички вагони во Египет“.

Типот „Ил-103“ е едномоторен авион наменет за превоз на вкупно четири лица вклучително и пилотот, односно еден вид авио-такси. Максималната моќност е 210 КС, а долетот му е илјада километри.