Бугарија: Активисти ќе ги пречекаат пратениците облечени во бели дробови

Активисти на „Гринпис“ од Бугарија, облечени како бели дробови, утре ќе ги пречекаат пратениците со гласни звуци на кашлица пуштени на звучници. Покрај тоа демонстрантите ќе носат маски поради загадениот воздух.

Со протестот, активистите сакаат да им порачаат на пратениците дека бараат чист воздух и обновлива енергија за Бугарија, јави БГНЕС.

– Во последните години,  Владата водеше политика која е спротивна на економската логика и напорите за подобрување на квалитетот на воздухот во земјата. Населбите кои се околу загадувачките електрани кои работат на јаглен се редовно загадени. Жителите од Перник, Галабово и Големо село се жалат на задушлив чад и саѓи кои паѓаат на автомобилите и домовите. Согорувањето јаглен е една од главните причини за загадениот воздух во Бугарија, велат од „Гринпис“ Бугарија.

Активистите се непопустливи и велат дека политичарите губат време и не преземаат никакви активности за развој на секторот за обновлива енергија и дека електраните за јаглен се фокусирани на согорување отпад, што претставува уште поголем ризик по здравјето на луѓето.

„Гринпис“ Бугарија ја повикува Владата да направи јасен план за транзиција кон обновливи извори на енергија. Краен датум за користење на јаглен да биде до 2030 година и прекин на согорувањето отпад во електраните за јаглен.