Бугарија ќе донира на Македонија дел од вакцините против коронавирусот

Република Бугарија од секоја пратка на вакцини против Ковид-19, кои директно ги купиле од производителите, дел ќе донира и на нашата земја. Ова утрово било одлучено на владината седница во Софија каде што македонскиот министер за здравство Венко Филипче имал обраќање, објави тој на Фејсбук.

-Со оваа одлука, во нашата земја вакцини против Ковид-19 ќе стигнуваат во исто време, како и во останатите земји членки на Европската Унија. Бугарија како членка на ЕУ ја имаше таа привилегија да прави директни преговори со повеќе произведувачи. Благодарение на овој пријателски чин, со оваа донација за кратко ќе го почнеме процесот на вакцинација и ќе го олесниме пристапот до вакцините за да може да вакцинираме 60 до 70% од населението.
Според информациите од здравствените власти во Република Бугарија, најпрво во Софија ќе стигне вакцината на Фајзер, потоа на Модерна, па на Астра Зенека, напиша Филипче.

Разговарано е и за техничките детали во однос на испораката, а Филипче верува дека во исто време Македонија ќе добие дел од вакцините, како и земјите од ЕУ.

-Освен преку донација од Република Бугарија, нашата земја обезбеди вакцини и преку Ковакс механизмот. Европската Унија за земјите членки обезбеди 400 милиони вакцини и 100 милиони дополнително за земјите кои не се во Унијата, а вакцините може да ги добиваат со посредување на земји членки. Досега таков вид на помош, на нашата земја и понудија Полска и Грција. Македонија преговори и со произведувачите за директна набавка на вакцини и од нив, напиша Филипче.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.