Бугарија ќе и’ донира на Украина советски ракети С-300

Бугарскиот парламент денеска одлучи да ѝ донира ракети С-300 од советската ера на Украина, откако претходно го одобри испраќањето оклопни возила,

„Станува збор за неисправни ракети земја-воздух С-300 кои Бугарија не може да ги поправи, но може да ги користи украинската армија“, изјави претседателот на Одборот за одбрана, Христо Гаџев, не прецизирајќи го нивниот број.

Според експертите, Украина треба да може да ги оспособи или да ги користи за резервни делови. Бугарија има значителни залихи на оружје и нејзините фабрики работат со полн капацитет од руската инвазија на Украина.

Како членка на ЕУ и НАТО, но историски и културно блиска до Москва, Бугарија со месеци одбиваше да испрати каква било воена помош за Украина, но во јуни ја промени својата политика под влијание на новата проевропска влада. Оттогаш, таа одлучи да и испрати на Украина околу стотина оклопни возила и муниција за лесно оружје од полициските резерви.

Но, политичарите се многу поделени во овој поглед. Новиот текст, кој го предложија три пратенички групи кои имаат 168 пратеници од вкупно 240, предизвика жестока расправа во парламентот, а гласањето се одржа зад затворени врати, што не се памети.

„Одлуката е одобрена и предметот е затворен“, изјави за бугарското радио еден од претставниците на иницијативата, Дељан Пеевски.

Социјалистите рекоа дека го бојкотирале гласањето, нарекувајќи го „национално предавство“.

Бугарскиот претседател Руман Радев, кој жестоко се противи на испраќање воена помош поради страв од ескалација, ги обвини владата и парламентот дека се однесуваат како „донатори на странски армии“ на штета на бугарските вооружени сили.

Руската федерална служба за воено-техничка соработка ја повика Бугарија да не доставува ракети за противвоздушни ракетни системи С-300 во Украина, за да не се прекрши меѓународното право.

„Пренесувањето од Бугарија во Украина на ракети за противвоздушни ракетни системи С-300 во областа на непријателствата ќе доведе до ескалација на конфликтот и до невини човечки жртви“, се вели во соопштението на руската федерална служба.

Руската Федерална служба за воено-техничка соработка забележува дека во согласност со член 4 од Договорот меѓу Владата на Руската Федерација и Владата на Република Бугарија од 5 септември 2002 година, трансфер на трета страна на оружје и воена опрема, добиена како резултат на билатерална воено-техничка соработка е недозволив без претходна писмена согласност од Русија.

„Ова е уште еден обид за грубо кршење од страна на бугарското раководство на неговите меѓународни обврски во областа на контролата на оружјето, и покрај повторените објаснувања на руската страна“, се вели во соопштението на руската служба.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.