Бугарија ќе ни даде 200 мегават-часови струја до крајот на март идната година

Бугарија ќе испорачува 200 мегават-часа струја од почетокот на октомври до крајот на март идната година за да се ублажи енергетската криза во Северна Македонија, со што ќе се обезбеди непречено снабдување на индустријата, што е едно од клучните барања на бизнис секторот во земјава. Тоа беше договорено по вчерашната средба во Софија на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега, Галаб Донев, пренесува МИА.

Двајцата премиери договориле формирање работна група што треба да ги утврди техничките аспекти во врска со потпишување и склучувањето договор во областа на електроенергијата за снабдување со количини во износ од 200 мегават-часа струја за потребите на Северна Македонија заклучно со март, следната година.

Како одговорни политичари и влади ние имаме обврска пред граѓаните и пред стопанството да обезбедиме се што е во наша можност да ги направиме условите најдобри, во време на ваква криза. Токму затоа сме денеска тука заедно со соседна Бугарија да се обидеме најдеме решение за снабдување со електрична енергија во текот на четвртиот квартал од оваа година и првиот квартал од идната година, под услови што ќе бидат оптимални за стопанството, рече премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција во Софија со колегата Донев.

Ковачевски нагласи дека на средбата нашата делегација ги кажала деталите за она што го имаме како потреба која што доаѓа и од Стопанската Комора на Северна Македонија поради што и претседателот на Комората бил дел од делегацијата.

-Разговарвме и за количините што се потребни кај нас, со оглед на тоа дека Бугарија е земја извозник на електрична енергија, благодарение на капацитетите што ги има, особено електрична енергија произведена од нуклеарна централа, рече Ковачевски.

Станало збор и за поврзувањето со новиот интерконектор за гас што би бил направен во делот на поврзувањео со течен гас и во однос на капацитетите на постојниот интерконектор што го имаме со Бугарија, и за можностите за складирање течен гас во складиштата што постојат во Бугарија.

-Имавме состанок што беше одржан во духот на добра волја. Во таков дух на добра волја се надевам дека работната група што ќе почне да работи веднаш после празникот во Бугарија а пред нашиот празник, дека во наредните помалку од две недели ќе имаме решение кое ќе биде од обостран интерес, и на стопанствата и на едната и на другата држава, рече Ковачевски.

 

Ковачевски во Софија се сретна и со бугарскиот претседател Румен Радев, на која се разговарало за заедничко надминување на предизвиците со енергетската криза и продлабочување на соработката на двете земји.

Премиерот на средбата со Радев истакнак дека владината делегација допатува во Бугарија да најде решенија за справување со енормниот раст на цената на електричната енергија, да се помогне стопанството кое е на слободниот пазар, да може да го издржи високиот раст на цената на електричната енергија на светските берзи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.