Бугарија е подготвена за испораки на гас од Турскиот тек

Бугaрија ќе може да обезбеди транзит на испораките со природен гас во Македонија и Грција од рускиот гасовод Турски тек од 1-ви јануари 2020 година, изјави во интервју за весникот 24Часа, Владимир Малинов, извршен директор на енергетската компанија „Булгартансгаз“.

Малинов истакнува дека на 30-ти ноември турската страна направила ги споила Турски тек со гасоводот Балкански тек, кој е изграден на бугарската територија. Според извршниот директор, до крајот на оваа седмица „Булгартрансгаз“ ќе започне со полнење со гас на гасоводот на својата територија.

„Дури и доколку транзитот на рускиот гас преку Украина кон Бугарија преку Трансбалканскиот гасовод биде запрен, ние сме подготвени. На 30-ти ноември Турција го направи ‘златното заварување’, кое ги поврза Турски тек со нашиот гасовод Балкански тек. Уште оваа седмица ‘Булгартрансгаз’ ќе започне со полнење со гас на 11-километарскиот дел од гасоводот на својата територија, а Турција на својот 140-километарски дел. Ние ќе бидеме подготвени до 15-ти декември, а тие, како што се надеваат, до 20-ти декември“, вели Малинов.

Челникот на бугарската гасна компанија вели дека поставувањето на цевките до границата со Србија во должина од 308 километри ќе биде завршено до 31-ви мај. Потоа, испораките преку гасоводот ќе бидат можни во обем од 8,75 милиони кубни метри гас дневно. До тогаш гасот преку територијата на Бугарија ќе испораките на гас ќе се изведуваат преку постојната гасоводна мрежа, додава Малинов.

Новиот гасовод Балкански тек преку територијата на Бугарија во должнина од 484 километри, според најавите на Софија, треба целосно да биде завршен до крајот на 2020 година.

Проектот Турски тек, кој го замени напуштениот руски проект Јужен тек поради пречките што ги поставуваа прописите на ЕУ, се состои од две линии со капацитет од по 15,75 милијарди кубни метри гас. Првата линија е наменета за снабдување со руски гас на турските потрошувачи, а втората за испораки на рускиот гас во земјите од Јужна и Југоисточна Европа. Како потенцијални пазари, рускиот гасен гигант „Газпром“ во овој регион ги смета Грција, Италија, Бугарија, Србија и Унгарија, додека Македонија би требало со крак да се поврзен на гасоводот.

Се претпоставуваше дека гасоводот преку територијата на Бугарија, како продолжение на Турски тек, ќе профункционира до крајот на 2019 година, но се појавија проблеми во врска со тендерската постапка за изборот на градежна компанија за Балканскиот тек. Италијанско-саудискиот конзорциум „Arcad“ го доби тендерот за изградба на гасоводот кон Србија преку територијата на Бугарија во април, но договорот по серијата судски расправи беше потпишан дури кон средината на септември, што доведе до шестмесечно одложување на извршувањето на проектот и предизвика забубни кај руската страна.

Минатата седмица рускиот претседател Владимир Путин на заедничката прес-конференција со српскиот колега Алескандар Вучиќ во Сочи рече дека бугарската страна намерно ја одложува реализацијата на кракот од гасоводот Турски тек преку нејзината територија. Притоа порача дека доколку Бугарија се откаже од проектот, Русија ќе најде други опции за испорака на гасот до југот на Европа. Путин, исто така, додаде дека самата власт во Софија побарала да биде вклучена во проектот Турски тек и тој по секоја цена да биде реализиран, по пропаѓањето на проектот Јужен тек, кој токму од Бугарија ќе направеше главен енергетски јазол за снабдувањето на јужниот дел од континентот.

Веднаш потоа бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека гасоводот Балкански тек во моментов се гради со максимална можна брзина, а доцнењето во реализацијата на проектот ја појасни со тендерските процедури. Борисов истакна дека гасоводот треба целосно да биде изграден пред крајот на следната година.