Бугарија е само добар параван за одредени други движења во ЕУ

Крајно неодговорно е за двете најголеми политички партии да немаат нормална комуникација и дијалог. Тоа не значи дека за се треба да се согласуваме, напротив за голем дел од прашањата имаме различни ставови што е добро и што е демократски. Но, има толку значајни прашања во државата за кои што мора да се разговара, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вечерашното интервју во емисијата „Трилинг“ на ТВ 24.

Николоски изјави дека месец ипол Ковачевски и СДСМ бегаат од лидерска средба и со тоа ја носат Македонија во уште полоша состојба, нагласувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ понуди тимови во четири клучни области се со цел да помогнат во решавање на проблемите со кои се соочуваат и граѓаните и државата.

-Откако поминаа 100 дена од формирањето на владата, односно 100 дена на кои што ние оставивме да покажат што можат, иако ова е истата влада каде што министрите се скоро истите, има само промена на премиер, побаравме средба на кој ќе се разговара за определување на датум за предвремени парламентарни избори како и формирање на четири тимови во четирите клучни области според нас во кои што  Македонија има проблеми во моментот а тоа се финансиите, европските интеграции и односите со Бугарија, здравството и образованието. Дури понудивме и наши тимови кои што ќе помогнат, а се работи за исклучително профилирани политички личности, но исто така и за експерти кои сме спремни да помогнеме во овие четири клучни области про-боно за државата да оди напред затоа што не смее државата да губи време, рече тој.

-Но, самото тоа што месец ипол тврдоглаво Ковачевски одбива воопшто да седнеме и разговараме е лошо за Македонија, истакна Николоски.

Според Николоски, Македонија е во нерамноправна положба во однос на преговорите со Бугарија, истакнувајќи дека до сега ВМРО-ДПМНЕ нема добиено никакви информации од страна на Министерството за надворешни работи и владата кои се барањата на Бугарија.

-Во однос на односите помеѓу Македонија и Бугарија, Македонија е во едно крајно нерамноправна положба затоа што преговорите се сведуваат на, вака да ги поедноставиме работите, или прифатете дека сте Бугари и зборувате на дијалект на бугарски јазик или не можете да напредувате во европските интеграции.  Во услови кога од другата страна е Бугарија, а не Данска на пример мислам дека треба да се употребат други форми на притисок кои што се познати во дипломатијата и кои што знаат да решаваат проблеми, кои што за жал не ги гледаме. Не мислам дека големите земји членки на Европската унија не знаат дека треба да извршат притисок, туку мислам дека Бугарија е само еден добар параван за одредени други движења во ЕУ. Така што немањето доволен притисок врз Бугарија ја става Македонија во нерамноправна положба, кажа Николоски.

-До денес никој нас не не информирал официјално кои се барањата на Бугарија. Значи до денес ние официјално како најголема политичка партија  во Македонија, со најголема пратеничка група и најмногу градоначалници, немаме добиено од Министерството за надворешни работи, ниту од влада официјално известување што се барањата на Бугарија. Тоа што го знаеме е тоа што е во медиумите, и што ни го кажуваат претставници на меѓународната заедница и други контакти кои што ги имаме, дециден е Николоски.

Николоски објасни дека може да разговараат за Бугарите да влезат во македонскиот устав, само кога од страна на Бугарија ќе се донесе правно обврзувачки документ во кој јасно ќе стои дека Бугарија нема да има нови барања кон Македонија со кои може да ги закочи европските интеграции на државата и кои што повторно можат да го направат македонскиот народ заложник на овој процес.

-Доколку Бугарија бара промена на Уставот со цел Бугарите да влезат во Уставот, ние бараме да се донесе правно обврзувачки документ во Бугарија, Резолуција во бугарското народно собрание во кој што јасно ќе се напише дека ова е последното барање од страна на Бугарија. Дека нема да бараат нови барања кои што повторно можат да ги закочат европските интеграции на Македонија и кои што повторно можат да го направат македонскиот народ заложник на овој процес. Во моментот кога ќе има такви гаранции од Бугарија ние сме спремни да разговараме во односно на ова барање на Бугарија. А во однос на другите барања на Бугарија за  јазик и македонскиот идентитет односно македонскиот народ воопшто нема што да разговараме, заклучи Николоски.