Бугарија и Грција потпишаа договор за градење на терминал за гас

Грција и Бугарија потпишаа договор според кој Бугарија ќе учествува во финансирање на изградба на терминал за течен природен гас кај Александрополис, во северна Грција. Премиерите Киријакос Мицотакис и Бојко Борисов присуствуваа на потпишувањето на договорот во Атина, според кој државната компанија Булгартрансгас ќе преземе 20% од акциите во грчката компанија Гастрејд која гради терминал близу до границата меѓу Грција, Турција и Бугарија. Целта на проектот, кој ужива силна поддршка од САД, е да се зголеми енергетската диверзификација во Југоисточна Европа, која сега е многу зависна од рускиот природен гас.

Дваесет километри југо-западно од Александрополис, Гастрејд гради пловечки објект за складирање гас и постројка за пренасочување, која треба да стане независен центар за снабдување со гас за Југоисточна и Централна Европа. За проектот е обезбеден буџет од 383 милиони евра, од кој дел ќе биде финансиран од ЕУ, која веќе обезбеди 50 проценти од средствата за физибилити студија. Изградбата на терминалот треба да трае 24 месеци, а се планира да започне со работа кон крајот на 2022 година.