На ниво на ЕУ, речиси три четвртини од возрасната популација целосно е вакцинирана против коронавирус. Во меѓувреме, излегоа информации и за нерамномерната распределба на вакцини во земјите од Европската Унија.
Земјите како Ирска, Малта, Португалија и Данска, постигнаа извонредни резултати, со покривање од околу 90 проценти, според Европскиот центар за контрола и превенција на болести, но во исто време Романија и Бугарија целосно вакцинираа само 33 проценти и 22 проценти од возрасната популација.
Проблемот не е во набавката на вакцини бидејќи покрај одобрените од ЕУ, секоја држава можеше да одлучи и за набавување други вакцини, на пример Спутник В. Според експертите, ваквата поразителна невакцинираност во дел од земјите е последица на недовербата, политичките игри, теориите на заговор и противењето на сè што се воспоставува како закон или правило.
Исто така, голема улога одиграле и медиумите, кои за да балансираат со еднаква застапеност, пренесувале ставови на групи или поединци кои се „за“ или „против“ вакцината.
Ова се случува токму во Романија и Бугарија, а како појава е многу изразено и во останатите балкански земји.