Бугарија му продала на Киев оружје во вредност од милијарди долари, преку трети земји

Бугарските производители на оружје извезувале производи во вредност од милијарди долари во Украина користејќи трети земји како посредници, откри EURACTIV во истрагата објавена во понеделникот.

Наодите покажуваат дека практиката на индиректно снабдување со оружје претходела на отворените руско-украински непријателства. По избувнувањето на конфликтот во февруари 2022 година, бугарските производители уживаа брзо зголемување на профитот, удвојувајќи ја продажбата минатата година.

Бугарија е главен производител на муниција компатибилна со советско дизајнирано оружје, кое Украина интензивно го користеше пред САД и нивните сојузници да ја опсипат со алтернативи произведени од Запад. Само минатата година, најмалку 1 милијарда долари во оружје било префрлено од Бугарија во Украина, главно преку Полска и Романија, изјавиле извори за „EURACTIV“. Не билие потпишани директни договори за оружје, додава медиумот.

Според Велизар Шаламанов, поранешен вршител на должноста министер за одбрана и гласен поддржувач на испораката на оружје во Украина, пренесувањето на оружјето било направено преку странски шеми и финансирано со странски пари.

„Постои програма со добро финансирање во Велика Британија, САД и Полска. Преку оваа програма се купува вооружувањето кое е потребно за Украина, односно парите не се украински туку британски, американски, полски или европски. Затоа се купува преку други компании“, изјави тој за EURACTIV.

Тајните испораки биле опишани во јануари од германскиот дневен весник Die Welt, кој им даде признание за шемата на поранешниот бугарски премиер Кирил Петков и поранешниот министер за финансии Асен Василев. И двајцата се дипломирани на Универзитетот Харвард и припаѓаат на истото политичко движење про-НАТО, кое го основаа заедно.

„Проценуваме дека околу една третина од муницијата потребна на украинската армија дојде од Бугарија во раните фази на војната“, рече тогаш Петков.

Премиерот ја презеде акцијата спротивно на јавното мислење, кое беше огромно против давање голема помош за Украина поради загриженоста дека нивната земја ќе биде вовлечена во конфликтот, објави Die Welt. Владата на Петков беше поддржана од широка коалиција од четири партии, а, според германскиот весник, тој отиде зад грбот на социјалистите – членка на коалицијата која јавно се спротивстави на какво било снабдување со оружје за Украина.

Петков ја загуби функцијата со гласањето недоверба во јуни. Бугарскиот парламент не успеа да формира стабилна влада по предвремените избори во октомври и во моментов се подготвува за ново национално гласање во април. Земјата го одобри својот прв официјален пакет воена помош за Киев во декември, при што претседателот Румен Радев одби да го блокира предлогот поддржан од парламентот.