Продолжува политичката криза во Бугарија. Парламентот не му даде поддршка на Николај Габровски за премиер. „За“ гласаа недоволни 113 пратеници од ГЕРБ, Партијата на Турците, ДПС и Бугарски подем. Против беа 125 пратеници од „Продолжуваме со промената“, Демократска Бугарија, БСП и Преродба.
Неврохирургот Габровски беше предложен од ГЕРБ како непартиски кандидат за премиер на технократска Влада.
Претседателот Румен Радев сега ќе го понуди мандатот на „Продолжуваме со промената“, а ако и тие не успеат да формираат Влада, ќе додели и трет мандат.
Доколку трите обиди се безуспешни, повторно ќе се распишат предвремени избори. Последните избори се одржаа на 2 октомври. Тоа беа четврти избори за период од 18 месеци.