18.8 C
Skopje
понеделник, ноември 4, 2024

Бугарија обвини шестмина разузнувачи за наводно шпионирање за Русија

Бугарскиот обвинител денеска изјави дека обвиниле шест Бугари за шпионирање за Русија, вклучително и високи претставници на Министерството за одбрана и воените разузнавачки служби.

Главниот обвинител Иван Гешев на брифинг со новинарите рече дека ова е првата шпионска група откриена во Бугарија по Втората светска војна.

Обвинителите соопштија дека петмина осомничени се уапсени вчера во голема акција во Софија кога еден од нив се обидел да избега.

Тој рече дека поранешен висок бугарски воен разузнавач врбувал луѓе кои имале пристап до доверливи информации од Бугарија, НАТО и Европската унија.

Лидерот на групата ја искористил својата сопруга за да му предаде информации на службено лице во руската амбасада во Софија, изјави портпаролот на државниот обвинител Сијка Милева.

„Заклучивме дека криминалната група претставува сериозна закана за националната безбедност поради собирање и пренесување во странска земја на информации што се државни тајни на Бугарија, НАТО и Европската унија“, рече таа.

Обвинителите соопштија дека групата работела долго време и дека истрагата е во тек.

Бугарија, членка на Европската унија и на НАТО, протера шест руски дипломати осомничени за шпионажа во текот на изминатите две години.

За време на комунизмот, оваа балканска земја беше најсигурен сојузник на Москва во Источна Европа. Русија останува најголем снабдувач на енергија во Бугарија и двете земји одржуваат тесни културни врски, пишува Ројтерс.