Бугарија се жали пред ЕК дека во Македонија се раскопани 400 гробови на бугарски војници

Бугарски „Труд“ објави дека коските на речиси 400 бугарски војници кои загинале во Првата светска војна, биле раскопани од две поголеми парцели на гробишта поради изградба на пат кај селото Дреново, во близина на Кавадарци.

-Во секоја од нив се закопани по речиси 200 бугарски војници и офицери. Таму има спомен обележја и две камени пирамиди за вечно сеќавање од бугарската држава, подигнати во 1916 година. Погребаните се загинати Бугари во периодот 1913-1915 година и се припадници на 8-та пешадиска Тунџанска дивизија со центар во Стара Загора и Хасково, објави Труд.

Бугарија ќе се жали пред Европската комисија дека македонските власти не го известиле Министерството за одбрана во Софија за нивната намера да ги изринат коските на загинатите Бугари, а не била известена ниту Бугарската православна црква, за да се направи опело и коските да бидат преместени на друго место со православен ритуал.

Ангел Џамбаски, бугарски европратеник и потпретседател на ВМРО-БНД, веднаш ја предупредил ЕК и претседателката Урсула фон дер Лајен за сквернавење на бугарските гробови поради изградба на пат во Македонија.

-Ова е продолжение на таа мрачна политика на југословенските комунисти за рушење и уништување на сѐ што е бугарско – од јазикот до храмовите и спомениците. Не можеме да дозволиме Република Северна Македонија да влезе во ЕУ. Оваа земја и нејзините институции се последниот бастион на југословенскиот комунизам, пренесува „Труд“ дел од писмото на европратеникот.

Тој од ЕК побарал да превземе конкретни дејства за зачувување на културно историско наследство на Бугарија во Македонија и во извештајот „да ги вклучи случаите на бришење на бугарското наследство“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.