Бугарија со нови барања – протоколот да се потпише и да биде дел од преговарачката рамка

Министрите за европски прашања денеска одржуваат средба во Луксембург, на којa една од главните теми ќе биде проширувањето на Унијата и пред сѐ иднината на кандидатурите на Украина, Молдавија и Грузија.

Како што јави дописничката на МИА од Брисел, неколку земји членки на ЕУ, како Хрватска, Словенија и Австрија, пред почетокот на Советот најавија дека не смее да се запостави Западниот Балкан и дека Унијата мора да испорача резултати, пред се со одржувањето на првите меѓувладини конференции со Македонија и со Албанија.

На министерскиот состанок е предвидена и точка посветена за Западниот Балкан.

Во пресрет на денешното заседание на Советот за општи работи, синоќа се одржа состанок на постојаните претставници на земјите членки на ЕУ, кој главно бил фокусиран на кандидатурите за членство на Украина, Молдавија и Грузија.

Посветено било малку време на размена на мислења за Македонија и последниот предлог на маса изготвен од француското претседателство, но без никакви заклучоци. Како што јави дописничката на МИА од Брисел, амбасадорите на земјите членки на ЕУ разговарале кусо за францускиот предлог и преговарачката рамка за земјава, но засега нема гаранции за нејзино усвојување, имајќи ја предвид политичката неизвесност во Бугарија.

Мнозинството земји членки сакаат да се реши спорот и да се испорача нешто за Скопје и за Тирана до крајот на ова недела, но политичката неизвесност во Бугарија не дозволува преголем оптимизам кај земјите на ЕУ.

Дипломат од западна земја членка на ЕУ за МИА изјави дека сите присутни, вклучително и бугарскиот амбасадор, ги поздравиле напорите на Франција да се деблокира процесот меѓу Скопје и Софија.

– Приказната меѓутоа не е готова, имаме комплексна политичка ситуација во Бугарија и не може никој во овој момент да каже како ќе заврши сево ова – велат дипломатите.

Бугарската Влада се соочува со гласање доверба во Собранието, што првенствено го отвора прашањето кој ќе ја претставува Софија на претстојниот Самит на ЕУ. Дали тоа ќе биде премиерот Кирил Петков или претседателот Румен Радев.

Освен тоа на вчерашниот состанок дипломатите велат дека бугарскиот претставник настапил и со нови барања, меѓу кои и протоколот да биде потпишан, а не само усогласен помеѓу Македонија и Бугарија и да биде дел од преговарачката рамка. Амбасадорот не наишол на голема поддршка на состанокот, пред сѐ од оние земји кои се подобро запознаени со спорот. Барањето да биде потпишан протоколот отвора и прашања на рокови, бидејќи се мали шансите, дури и да се согласи Македонија, тоа да биде финализирано до крајот на Самитот на ЕУ в петок.

Секако, бугарската страна го повторила барањето Бугарите да бидат вклучени во Уставот на земјава, пред да се одржи првата меѓувладина конференција, а инсистирала и дека не смее да има автоматизам за одржувањето на втората меѓувладина доколку бугарските барања не бидат исполнети.