Бугарија воведува остри мерки против коронавирусот

Затворање на училиштата, угостителските објекти и тровските центри се мерките кои стапуваат на сила од петокот на полноќ во Бугарија којашто се соочува со експлозија на бројот на заразените и висока стапка на смртност, пренесува службената новинска агенција БТА.

Сите образовни установи преминуваат на настава на далечина. Баровите и рестораните ќе бидат затворени, и ќе може единствено да подготвуваат оброци за доставување. Трговските центри ќе бидат затворени, а единствено ќе работат супермаркетите, продавниците за прехранбени продукти, банките и продавнциите за домашни миленици.

Сите спортски активности се забранети за помладите од 18 години, а спортските натпреварувања за возрасните ќе се одржуваат без гледачи. Културните институции, исто така, ќе бидат затворени, освен театрите кои ќе може да работат со 30 отсто од капацитетите во гледалиштето. Повозрасните од 65 години ќе можат да пазарат во супермаркетите само наутро од 8,30 до 10,30 часот.

Бугарската влада досега избегнуваше да воведе ограничувања во справувањето со коронавирусот, но седмицава одлучи да воведе построги мерки, бидејќи болниците се преоптоварени со експлозијата на бројот на заразените.

Донесените мерки би требало да го сузбијат вториот бран на епидемијата и ќе бидат на сила до 21-ви декември, објави министерот за здравство, Костадин Ангелов. Целта е да се преполови бројот на заразените на дневно ниво, соопшти кризниот штаб.

Во последните седум дена властите потврдија 813 нови смртни случаи поврзани со коронавирусот, со што Бугарија се вбројува меѓу земјите коишто се најмногу погодени во пандемијата во однос на бројот на жителите, па стапката на смртност изнесува 11,7 на 100.000 жители во седумдневен период. До денеска во земјата со речеси седук милиони жители, потврдени се 3.226 смртни случаи поврзани со коронавирусот.

Бугарија во март наметна „затворање“, но оваа најсиромашна земја членка на Европската унија којашто од летото ја потресуваат масовни протести со кои се бара оставка на премиерот Бојко Борисов и државниот јавен обвинител поради силно изразената корупција, во напорите да ја поправи економската ситуација ги сведе мерките само на носење заштитни маски.

Бугарија, исто така, се соочува и со недостиг од медицински персонал, бидејќи кадарот што не се пресели во западните земји старее, па на помош се ангажираат студентите по медицина и восјата.

Борисов вети помош за претпријатијата во износ од 200 милиони евра во следните три седмици и ги повика сонародниците да бидат солидарни и со тоа да му помогнат на здравствениот персонал. Но и покрај тоа, во петокот неколку стотици луѓе протестираа пред зградата на владата извикувајќи „Убијци“ поради лошата состојба на здравството, како и вообичаените пароли „Оставка“ и „Мафија“.