ЕП со нов повик за влез на Бугарија и Романија во Шенген зоната

Европскиот парламент денеска со големо мнозинство поддржа нов повик за пристапување на Бугарија и Романија во Шенген зона, пренесе БТА.

На гласањето во Стразбур присуствуваа 659 пратеници, од кои 514 го поддржаа документот, 107 беа против, а 38 воздржани.

Европскиот парламент повика во најкус можен рок Советот на ЕУ да донесе одлука за укинување на проверките на внатрешни копнени, морски и воздушни граници на Бугарија и Романија.

Ова е петти повик на Европскиот парламент од 2011 година во оваа насока. Досега, Советот на ЕУ не ја постигна неопходната согласност за двете земји да влезат во зоната без гранични контроли.

Во резолуцијата, изготвена од европратеникот Сергеј Станишев, се наведува дека одложувањето на одлуката предизвикува вештачки поделби во ЕУ и придонесува за пораст на популизмот и национализмот во цела Европа. За време на дискусијата за документот во Европскиот парламент синоќа немало претставник на Советот на ЕУ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.