Бугарите на 14-ти ноември излегуваат на претседателски и нови предвремени парламентарни избори

Претседателот на Бугарија, Румен Радев, најави во саботата од Плевен дека ќе го распушти 46-то Народно собрание што е можно поскоро во согласност со процедурата и Уставот.

Со тоа, претседателските и предвремените парламентарни избори во Бугарија ќе се одржат на 14 ноември. Според Радев, изборите во формат „2 во 1“ ќе заштедат државни трошоци и време на гласачите. Следните парламентарни избори во Бугарија ќе бидат третите парламентарни по ред во оваа 2021 година.

Бугарскиот претседател не коментираше дали ќе направи промени во привремената влада во Бугарија, како што тоа му го овозможува Уставот на земјата.

Радев рече дека е жесток поддржувач на надпартискиот договор и ќе смета на поддршката од сите угледни бугарски граѓани.

Смета дека оваа изборна кампања во Бугарија ќе биде уште еден водич за бугарските гласачи за тоа кои партии и политичари работат за иднината и кои ги бранат корупциските шеми.

Радев рече дека поддржува поединци, а не партии и дека не овластува никого да зборува во негово име.