Бугарка застанува на чело на Светската банка

Поради ненадејната оставка на американецот Јонг Ким, Кристалина Георгиева е новиот претседател на Светската банка, започнувајќи од 1-ви февруари. Поранешната бугарска комесарка привремено ќе ја извршува функцијата претседател на една од највлијателните меѓународни организации за финансиска и експертска помош. Таа има вкупно 17 години кариера во банкарскиот сектор.

Нејзините шанси да биде претседател со целосен мандат се минимални, бидејќи традиционално американски државјанин е на чело на институцијата. Ова значи дека Георгиева со месеци ќе раководи со Светската банка, сѐ додека претседателот Доналд Трамп не најде соодветен кандидат кој ќе го предложи на Управниот одбор на СБ.

Причината за промената е изненадувачката оставка на Џим Јонг Ким, кој е на функција до 2022 година. Веста ја објави Ројтерс, а набргу потоа беше потврдена од Светската банка.

Извори на агенцијата велат дека тоа е „лична одлука” на претседателот. Во кратка изјава, тој само потврдил дека ќе започне да работи за приватна компанија и ќе биде вклучен во инфраструктурни проекти во земјите во развој.

Пред само две години, Георгиева објави дека лично е поканета од претседателот Ким да ја преземе функцијата главен извршен директор на Светската банка.

Новиот шеф на организацијата се бира во посебна процедура. Со постигнатиот „џентлменски договор” веќе со децении Светската банка е раководена од Американец, а на чело на Меѓународниот монетарен фонд, стои Европеец.

Процедурата предвидува претседателот Доналд Трамп да избере свој кандидат и да го предложи на 25-члениот Управен одбор. Како најголем донатор на СБ, Американците имаат и најмногу гласови (15.85%), следени од Јапонија (6.84%), Кина (4.42%), Германија (4.00%), Велика Британија (3.75%), Франција (3.75% ), Индија (2.91%), Русија (2.77%), Саудиска Арабија (2.77%) и Италија (2.64%).

Управниот одбор ја намалува листата на кандидати на три и ги објавува нивните имиња со нивна согласност. Следуваат интервјуа со секој од нив, а расправата за именувањето трае не подолго од 3 недели.