Бугарската aмбасада во Скопје упати протестна нота до МНР поради недозволен влез на донирани книги со наслов „Бугарски народни песни од Браќата Миладиновци“

Бугарската Амбасада во Скопје испратила протестна нота до Министерството за надворешни работи на Македонија, поради, како што соопшти бугарското МНР, одлуката на царинските власти на граничниот премин „Деве Баир“ да не дозволат влез во земјава на 920 книги за Бугарскиот културно-информативен центар во земјава.

Книгите со наслов „Бугарски народни песни од Браќата Миладинови“ биле пренесувани од бугарскиот државјанин Виктор Стојанов, кој, според бугарското МНР, покажал договор за донација, со којшто книгите требале да бидат доставени до културниот центар.

Како што се наведува во соопштението на бугарското МНР, и покрај присуството на конзул од амбасадата во Скопје на граничниот премин, царинските власти изјавиле дека е неопходна дозвола од македонското МНР и во согласност и со македонското Министерството за култура.

Со нотата Амбасадата на Бугарија во Скопје бара објаснувања зошто се бара дозвола за влез на литература од земја-членка на ЕУ, и тврдат дека такво нешто не е регулирано никаде и е апсурдно да се случува во 2021 година во држава која сака да се присоедини кон ЕУ. Оттаму, додава дописникот на МИА во Софија, навдуваат и дека за ова ќе бидат запознаени и Европската комисија и амбасадите на државите членки во Скопје.

Македонското Министерство за надворешни работи се уште не се огласи за упатената протестна нота од страна на бугарската Амбасада.