Бугарската трговско-индустриска комора со честитка до Азески

Цветан Симеонов, претседател на Бугарската трговско-индустриска комора во неговото обраќање по повод 100-годишниот коморски јубилеј, му честита на Бранко Азески за развојот на организацијата и за постигнувањето одлични резултати.

За Азески 100-годишнината од Комората претставува мост на две генерации, мост каде завршува ерата на една поискусна генерација и започнува ерата на новата генерација. Во периодот на заедничкото функционирање на органите на Комората, младата генерација имаше можност да учи од искуството на постарата, која помина низ транзицискиот период и многу премрежја кога се поставуваа правилата на игра во македонскиот бизнис и економија. Слободно можам да кажам дека во тој период постарата генерација успеа да ја наметне и да ја поттикне соработката меѓу јавниот и приватниот сектор во креирањето на макроекономската политика и економскиот систем. Во периодот што следува, младата генерација ќе внесе нови стандарди и правила во функционирањето на приватниот сектор и Комората.

Четиринаесетти јули (14 јули) е посебен ден затоа што тогаш се слави француската буржуаска револуција. Тој датум, означува една голема битка за демократијата, слободата и човековите права. Не било ни случајно, што токму на тој ден,14 јули, во 1922 година, се поставени темелите на коморскиот систем на овие простори. Симболики има на секој чекор, но овде е толку видлива, што не треба да се додаде ниту еден збор.

„Што би била културата без нејзините поддржувачи? Дали без мецените низ вековите не би биле осиромашени за голем број уметнички ремек дела?“ се зборовите на светски познатиот пијанист Симон Трпчевски, зборувајќи за поддршката на Стопанската комора на Северна Македонија.

За актерот Сашко Коцев, соработката со Комората е откривање на еден сосема нов свет, и дел од живеењето, нему непознат дотогаш, но сепак многу присутен и важен за општеството. На 95-годишнината, вели, не издржал да не праша дали има некој кој присуствувал на нејзиното основање.

Претседателите на стопанските комори од регионот неизмерно ја ценат нашата комора, што покажува дека коморите дејствуваат и кога политичките елити ставаат кочници… Таков е примерот со Унијата на коморите на Република Грција, со која СКСМ Комората имаше одлични односи за време на решавањето на 30-годишниот спор. Но, тука е и нејзината улога во воспоставуавњето дијалог помеѓу српската и косовската комора.

– Бугарската стопанска комора мошне ја цени конструктивната и позитивна улога на Стопанската комора на Северна Македонија во основањето на Ассоцијацијата на балкански комори (АБК), како и при соработката меѓу нашите Комори во рамки на АБК, на полето на трговска арбитража и на бројни заеднички проекти. Би сакал исто така да ја искористам пригодата да им честитам на Управниот одбор и лично на г-динот Бранко Азески за развојот на организацијата и постигнувањето на овие одлични резултати – наведува Цветан Симеонов, претседател на Бугарската трговско-индустриска комора.

Г-дин Михај Дарабан, претседател на Стопанската комора на Романија, пак, нагласи дека Стопанската комора на Романија и Стопанската комора на Северна Македонија имаат долга и успешна приказна којашто имаат намера и понатаму заедно да ја пишуваат и создаваат. На истата линија околу соработката со Комората е и г-дин Александар Влаховиќ, основачот на балканскиот Давос – Копаоник бизнис форумот, како и Горан Свилановиќ, специјален советник на претседателот на СКСМ за регионална соработка и поранешен министер за надворешни работи во Владата на СР Југославија. Секогаш пофални збороти за соработката со Комората има и големиот коморски лидер од Турција, Рифат Хисарчиклиоглу, кој е и потпретседател на европската коморска асоцијација Eurochambres.

Во Монографијата што ја издаде Комората може да се прочита и што рекле личности кои се далеку од бизнисот, но имаат своја тежина и улога во општествениот и јавниот живот, со кои СКСМ секогаш има одлични релации, како Неговото блаженство, архиепископот охридски и македонски господин господин Стефан, скопскиот бискуп и струмичко-скопски егзарх монсињор д-р Киро Стојанов, струмичкиот митрополит г-дин Наум, претседателот на МАНУ, акад. Љупчо Коцарев, д-р Владимир Глигоров и др. Тука се и најпознатите регионални бизнисмени Бранко Роглиќ, Дејан Јовановиќ и уште многу други.

Не изостануваат честитките и признанијата за Комората како сериозен партнер во многу проекти и иницијативи и со најзначајните наши соработници – директората на УЈП, Сања Лукаревска, директорката на Царинската управа, Славица Кутиров и гувернерката на НБРСМ, Анита Ангеловска-Бежоска, министрите од економските ресори Крешник Бектеши и д-р Фатмир Бесими, вицепремиерот Фатмир Битиќи, премиерот Димитар Ковачевски, поранешниот премиер Зоран Заев, како и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

– Ако се набројат сите личности и институции кои се пријатели на Комората, ќе треба да испечатиме уште едно издание, но сигурно сите знаат дека со тоа не се докажува позицијата и затоа во утрешниот прилог ќе го претставиме делот за Комората на иднината, од кој ќе се види дека ние совршено добро знаеме дека треба позицијата да ја докажуваме секој ден, секој момент, а за тоа имаме и стратегија, и човечки ресурси и мрежа со која гарантираме дека ќе бидеме во функција на компаниите – велат од Комората.