Бугарски здруженија роварат во Македонија и ја шират идејата за голема Бугарија

Здружение на граѓани наречено „Фондација Македонија“, регистрирано во предградие на Софија, спроведува интензивна активност насочена против македонскиот национален идентитет и против македонската државност, објави телевизијата Алфа во свое истражување.

Фондацијата била регистрирана во април минатата година, а на нејзиниот официјален веб-сајт пишува дека станува збор за бугарска културно-просветна организација формирана од Бугари од Бугарија, Македонија и од Албанија. Очигледна цел на оваа организација, која работи на терен, преку медиумите и на социјалните мрежи, е ширење на идеите за голема Бугарија и за бугаризација на Македонците.

Меѓу сработените активности стои дека во текот на 2021-та година биле посетени повеќе од 50 населени места на територијата на Македонија и биле донирани повеќе од 30 илјади бугарски книги, стотина бугарски знамиња, како и ресивери за бесплатен прием на бугарски телевизиски канали. Исто така биле делени и  пакети со храна на сиромашни семејства во Македонија.

Фондацијата се фали и дека од македонскиот Архив скенирала повеќе од 3.000 документи и дека планира да скенира уште 17.000 и истите ги доставила до Државната архивска агенција на Република Бугарија.

„Повторно ќе бидеме едно. За тоа работиме, за тоа живееме, за тоа се трудиме“ – се наведува во еден од постовите на оваа Фондација, на кои често може да се видат и заеднички фотографии на членовите на оваа Фондација со директорката на Бугарската агенција за дијаспора.

Во својот прилог телевизијата прашува дали државата има намера да реагира на ваквите активности, кои се недвосмислено насочени против македонските државни и национални интереси.