Бугарскиот аналитичар Нешков: Не може да барате мандат од претседателот а да велите дека е нелегитимен, така не се води политика

Бугарскиот новинар и аналитичар Љубчо Нешков во емисија во бугарска телевизија bTV рече дека ситуацијата во Македонија, односно во законодавниот дом била очекувана. Решение и излез од ситуацијата Нешков гледа во започнување на сериозен дијалог меѓу двете најголеми политички партии.

„Според мене е нормално, во крајна ситуација (претседателот на Македонија, Ѓорге) Иванов е единствената легитимна институција во земјата. Вие не можете уште утре да кажете дека го сакате мандатот од претседателот за да управувате со земјата, а потоа да кажувате дека нема да учествувате, тој е нелегитимен, тој е партиски итн. Не може на тој начин да се води политика, а вие да имате желба да ја водите земјата. Логично е по она што се случи во Собранието и фала му на Бога има само повредени, а не убиени, треба да започне вистински дијалог, а не двете партии, двајцата лидери да зборуваат меѓу себе“, вели Нешков.

Бугарскиот аналитичар вели дека изборот на Талат Џафери од ДУИ за претседател на законодавниот дом е една од причините за провокација и влегување на граѓаните во Собранието.

„Тоа беше еднaта од двете причини кои доведоа до влегување во Парламентот на протестантите. Првото беше изборот и начинот на кој беше избран Талат Џафери и второто таа провокација… Не е проблем што тој е етнички Албанец, ако се вратиме во историјата на Македонија во ВМРО-ДПМНЕ имало многу Албанци кои биле членови и кои застанале на страна на Македонците. Затоа кажувам не е причина и поводот за тој конфликт што е етнички Албанец, туку е неговата поддршка однадвор, и тоа е многу груба и опасна од страна на Албанија и Косово“, додава Нешков.

Додава дека во изјавата, албанскиот премиер Еди Рама вели дека сака да ја руши Македонија и му дава инструкции на албанскиот министер за внатрешни работи како да делува.

„Премиерот на соседна Србија премиер Вучиќ вели дека тоа не е само македонски проблем. А каков е? Тоа е внатрешен проблем кој Македонците треба да го решат и да ја стабилизираат државата“, додава Нешков