Можностите за унапредување на соработката во сите области, а особено во борбата против организираниот и прекуграничниот криминал беа во фокусот на денешната средба на македонскиот Јавен обвинител Љубомир Јовески со бугарскиот Главен обвинител Иван Гешев.
Работната посета на бугарскиот главен обвинител во Скопје се остварува на покана на Јовески. Во делегацијата која ја предводи Гешев е и Сијка Милева, јавен обвинител во Јавното обвинителство на Бугарија.
„Јовески и Гешев на состанокот ги разгледаа можностите и потребите за евентуална измена на Меморандумот за соработката меѓу двете обвинителства склучен во 2015 година, а дискутираа и за правците за натамошна соработка. Притоа, разменија искуства и разговараа за правните норми во двете земји кои се однесуваат на постапувањето во предмети против сериозен и организиран криминал“ се вели во соопштението од ОЈО.
Во рамките на дводневната работна посета на земјава, делегацијата на Јавното обвинителство на Република Бугарија се сретнa и со министерот за правда Бојан Маричиќ, како и со Основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска