Бугарскиот парламент изгласа: Кирил и Методиј се Бугари, а кирилицата e бугарска

Бугарскиот парламент усвои одлука според која 24 Мај ќе се слави како Ден на бугарската писменост, но и се најавува дека ќе се отпочне процес пред Европската унија за признавање на кирилицата како бугарска азбука. Шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева порачува дека Скопје мора да го почитува и спроведува Договорот за пријателство и добрососедство меѓу двете држави и дека Гоце Делчев е важно прашање што треба да се реши, изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

Денот на Словенската писменост 24 мај, кој покрај Македонија, го одбележува и Бугарија, се чини дека наскоро Софија ќе го слави како „најбугарски празник”, како „ден на Бугарската писменост”. Со поддршка и на партијата на премиерот Бојко Борисов, бугарскиот парламент го усвои предлогот на Обединетите патриоти, зад кои стои Красимир Каракачанов, за промена на името на празникот, со образложение дека името словенска писменост е рецидив од комунистичкото време. Во предлогот е наведено и дека тоа ќе биде начин кирилицата да биде признаена во рамки на Европската Унија како бугарска азбука.

Во предлгот кој го мина првото комисиско ниво на одлучување во бугарското Собрание, е наведено дека формулацијата празник на словенското писмо е воведена од страна на бугарската Комунистичка партија пред 30 години.

Во изјава за телевизијата Канал 5, професорката Елка Јачева Улчар оценува дека се работи за провокација и тоа не само кон Македонија, туку и кон останатиот славистички свет. Улчар нагласува дека во науката е прифатено оти во основата на старословенскиот јазик се македонски говори од околината на Солун, а дека првото словенско писмо напишано од Кирил и Методиј е глаголицата.

Шефицата на бугарската дипломатија и вицепремиер Екатерина Захариева пак, повторно го актуелизира прашањето за Гоце Делчев и порачува дека практично, се работи за еден од критериумите за Скопје пред Европската комисија.

„Ние инсистираме на добрососедство, а тој критериум е европски, не го измисли Бугарија и ќе биде критериум за набљудување за време на целата преговарачка рамка”, јавува БГНЕС, а пренесе МИА.

Захариева додава дека Гоце Делчев е едно од прашањата кои треба да бидат решени и повторува дека двете држави преку членовите на Мешовитата комисија за историски прашања треба да се вратат на решавање на битните прашања. Според неа, работата на Комисијата Скопје ја суспендира пред една година.

Шефицата на бугарската дипломатија прашањата за кои треба да расправа Мешовитата комисија не ги третира како многу сложени. Вели дека не станува збор за илјадници години историја и дека има доволно историски документи „за да се препозне историјата таква каква што е”.

На прашањето за одржување на првата меѓувладина конференција за почеток на преговори меѓу Македонија и ЕУ, Захариева рече: „Сè уште сме во процес на дискутирање на преговарачката рамка во европските работни групи, таа дури не е дојдена ни на ниво на амбасадори”.