Бугарскиот претседател Радев побара дополнителни гаранции за нив при евентуален договор меѓу Македонија и Грција

Со евентуалниот договор меѓу Република Македонија и Република Грција, Република Бугарија нема цврсти гаранции дека Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Бугарија ќе биде во сила кога ќе имаме Република Северна Македонија, порача бугарскиот претседател Радев на прес-конференцијата за време на официјалната посета на Република Бугарија по средбата со македонскиот претседател.

Според него евентуалниот ваков договор ја става Бугарија во ситуација да бара дополнителни гаранции.

„Јас очекувам бугарската Влада и Министерството за надворешни работи како дополнителна гаранција за исполнување на клаузите од нашиот договор меѓу Република Македонија и Бугарија да ги запише договорните одредби во Поглавјето 35 од идната договорна рамка за преговори на Република Македонија за членство во ЕУ. А тоа ќе значи јасни процедури на мониторинг и следење на исполнување“, изјави претседателот Радев.

Македонскиот претседател изрази надеж дека ќе надвладее разумот, дека преку дијалог ќе се дојде до взаемно прифатливо решение, а не до решение кое е ултиматум за Македонија. Остварувањето на нашите стратешки цели не смее да биде алиби за лоши и штетни договори по Македонија, порача Иванов на прес-конференцијата по средбата со својот бугарски колега.

Иванов истакна дека со овој договор се напуштени досега изградените државни позиции, неприфаќање на ерга омнес и промени на Уставот.

За време на прес-конференцијата во Софија, македонскиот претседател изрази надеж дека одговорните во Брисел ќе ги применат позитивните искуства за решавање на билатерални спорови и за Република Македонија.

„Се надевам дека и одговорните во Брисел, ќе ја сфатат сериозноста на состојбата и правилно ќе реагираат, како што реагирале во минатото, кога сме имале од регионот билатерални спорови и кога наоѓале начин како тие да се решаваат. Позитивните искуства мора да бидат применети и за Република Македонија“, рече претседателот Иванов додавајќи дека ние сме земја-кандидат за членство во Европската унија со повеќе позитивни извештаи и со најпроверувана Армија во историјата на НАТО.

Запрашан за коментар за изјавата на Ципрас дека со договорот всушност не се признава македонската нација, претседателот Иванов нагласи дека како членки на Обединетите Нации имаме не само привилегии туку и права, бидејќи институцијата почива на Повелбата на ОН.

„Како што можевме со Бугарија и покрај тоа што во минатото сме имале различни сфаќања за некои прашања да најдеме решение, тој пример треба да го следи и Грција како најстара членка на ЕУ. Се надевам дека изјавата на Ципрас е несреќна и дека не го одразува духот и пријателство на македонскиот и грчкиот народ, кои покрај се изградија доверба и соработка за што сведочи и трговската размена и односите меѓу граѓаните и бизнисмените и универзитетите и сите взаемни односи меѓу нашите граѓани“, изјави претседателот Иванов.