Бугарските социјалисти поднесоа интерпелација за владата на Борисов

Пратениците на Бугарската социјалистичка партија (БСП) до Народното собрание доставија барање за гласање недоверба на кабинетот на премиерот Бојко Борисов, јави БГНЕС.

Ова е петта интерпелација со која опозицијата се обидува да го симне од власта Борисов. Барањето се совпаѓа со актуелните протести во Софија, а од почетокот на неделата и во голем број градови низ целата земја иницирани од претседателот Румен Радев, кој исто така е социјалист.

Според Деловникот за работа на Народното собрание, дебатата за недоверба на владата мора да почне не порано од три дена, а не подоцна од седум дена, по поднесувањето на предлогот до приемната канцеларија во парламентот.

Гласањето, на пленарна сесија, ќе се одржи 24 часа по завршувањето на дискусиите.