Бугарско МНР е разочарно Резолуцијата што ја усвои македонското Собрание

Бугарското Министерство за надворешни работи е разочарано од Резолуцијата што беше усвоена вчера во македонското Собрание и со жалење заклучува дека овој чин доаѓа во време кога билатералниот дијалог меѓу Софија и Скопје, како резултат на постојаните напори, започна да преминува во попозитивна и поперспективна фаза.

Во изјавата од бугарското МНР за БГНЕС се вели дека Бугарија го очекува објавувањето на Резолуцијата за да може внимателно да ја анализира содржината и од аспект на нејзината компатибилност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка кој што беше ратификуван од македонското Собрание, како и потенцијалното влијание на Резолуцијата врз досегашниот дијалог.

Според изјавата од МНР, за Бугарија би било целосно неприфатливо преку такви акти да се мотивира или оправдува неисполнување на Договорот од 2017 година што е во спротивност со принципите на меѓународното право.

„Единствениот правилен начин за изнаоѓање на одржливи и взаемно прифатливи решенија за актуелните предизвици во односите е стриктното придржување кон постигнатите договори и преземени обврски, нивното спроведување, како и поддржувањето на искрен дијалот“, велат од бугарското МНР.