Бугарското МНР контра Османи: Македонија е информирана дека нивните предлози се неприфатливи

За време на состанокот во февруари, Бугарија ја информираше РС Македонија дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат.

Ова специјално за БГНЕС го соопштија од бугарското МНР во врска со наводите на македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи дека постои документ кој е одобрен од нивна страна и се чека одговор од властите во Софија.

– Постои активен дијалог меѓу министерствата за надворешни работи на Бугарија и Република Македонија со цел да се изнајдат решенија за отворените политички прашања. Последниот експертски состанок на тимовите на МНР се одржа на 11 февруари годинава, на кој се разговараше за најновите предлози на Македонија, официјално испратени во декември 2021 година како одговор на предлозите на бугарската страна во 2021 година, во Скопје. На средбата во февруари бугарската страна ги информираше претставниците на РСМ дека нивните предлози не се прифатливи и дека разговорите треба да продолжат – соопштија од бугарското МНР.

Од бугарското МНР за БГНЕС нагласија дека „кога ќе има изгледи за значителен напредок, бугарската страна ќе испрати свој контрапредлог со цел приближување на ставовите“.