Бугарското здружение не може да се вика „Цар Борис III“, одлучи Комисијата

Комисијата за употреба на имиња на личности даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид.

Комисијата за употреба на имиња на личности на денешната седница даде негативно мислење за употреба на името Цар Борис III во називот на Здружението за афирмација на културните вредности на македонските бугари Цар Борис III Охрид. Заклучокот од седницата ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе решение по претходно добиеното негативно мислење од Комисијата.

Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество. Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рахј и нагласената антисемитска политика се најдирекно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка.