Букурешт: НАТО да ја подигне воената подготвеност во држави што граничат со Украина

Романските власти сметаат дека НАТО треба да ја подигне воената подготвеност во источноевропските земји, пренесе „Дојче Веле“.

Министерот за одбрана на Романија, Мирча Душа ја повика Алијансата да ја подигне воената подготвеност во земјите што граничат со Украина

„Во Романија, Полска и други земји што имаат заедничка граница со Украина, треба да има воени капацитети за имплементација на оперативните активности на НАТО во овој регион“, рекол Душа во Букурешт за време на конференција на Агенцијата на НАТО за комуникации и информации.

Според зборовите на министерот, тој ќе поднесе соодветни предлози на самитот на НАТО во септември. Душа потврди дека компонентите на системот за противракетна одбрана на САД ќе бидат распоредени во Романија во 2015 година.

„Во врска со кризата во Украина би било мудро да се забрза одамна планираното од Букурешт, купување на 48 борбени авиони ‘Ф-16’“, истакна Мирча Душа.

Сепак ќе помине време пред Романија да може да ги користи овие авиони, бидејќи ќе биде потребна посебна подготовка на пилотите и модернизација на земната инфраструктура, наведува „Дојче Веле“.