Цачева: Во скандал, каде е вмешан политичар, треба да се понесе одговорност

Секогаш кога има сличен скандал, кога е вмешано името на политичар, мојот личен став е дека треба да се понесе одговорност. Бев подготвена уште во четвртокот да поднесам оставка, но беше коректно да почекам премиерот Борисов да се врати во Бугарија од Брисел, изјави поранешната бугарска министерка за правда, Цецка Цачева.

Таа додаде дека побарала да бидат извршени проверки и да се утврдат фактите за тоа дали била во некакви односи со фирмата-продавач, но и изворот на финансиските средства. Работам 10 години, за овој период имам некои заштеди и не стравувам од истрага, вели Цачева.

Цачева истакна дека веројатно направила нешто што не треба, но дека како правник е сигурна дека купопродажниот договор е во согласност со законите.

Цецка Цачева беше и кандидат за претседател, кандидирана од владејачката партија ГЕРБ, но во битката загуби од актуелниот бугарски претседател, Румен Радев.

Таа даде оставка откако медиумите објавија дека Цачева и уште тројца други официјални претставници на владејачката партија ГЕРБ купиле луксузни станови под пазарна цена, соопшти владата.

Премиерот Бојко Борисов ја прифати нејзината оставка на состанокот со министерката во саботата наутро. „Тие разговараа за купувањето на имотот што е поврзан со неа. Министерката Цачева ја предала својата оставка на премиерот и рече дека ова не сака да влијае врз работата на Владата“, се вели во соопштението на владата.

Антикорупциската комисија во петокот започна со истрага за купени станови од иста градежна компанија.

Оставка даде и заменикот-министер за спорт Вања Колева, додека претседателот на пратеничката група на ГЕРБ Цветан Цветанов, тврди дека нема ништо спорно околу купувањето.

Скандалот изби порано оваа недела, откако бугарската редакција на Радио Слободна Европа и невладините организации за борба против корупцијата ги објавија резултатите од истрагата за купувањето на станови. Веста подоцна беше пренесена од сите други бугарски медиуми.

Скандалот ги разбесни граѓаните на најсиромашната членка на ЕУ, а Борисов претходно изјави дека секој што ќе го прекрши законот ќе мора да се сноси со последиците.

Аферата е објавена во време кога политичките партии се подготвуваат за европските избори во мај. Анкетите покажуваат дека ГЕРБ има тесна предност над социјалистите.