Цакалос: Невозможно е Грција целосно да го исплати својот долг

Нереално е да се очекува од Грција да ги отплати сите свои долгови, изјави Еуклид Цакалос, главниот портпарол за економија на грчката левичарска партија СИРИЗА, која во неделата победи на предвремените парламентарни избори во Грција, објави МИА.

– Никој не верува дека грчкиот долг е одржлив, изјави тој за Би-Би-Си. – Се уште не сум сретнал економист, кој навистина верува дека Грција целосно ќе ги исплати своите долгови. Тоа е невозможно, рече Цакалос.

Тој додаде дека лидерите на Европската унија би требало да покажат дека се подготвени да соработуваат со СИРИЗА, партија, која остро се противи на натамошната примена на острите мерки за штедење во Грција.

– Европа ќе стане мошне чудна и опасна, со мошне силни центрифугални политички сили, доколку покаже дека не е подготвена да разговара со новата влада, избрана на демократски одржани избори, истакна портпаролот на СИРИЗА.

Тоа ќе биде конечен сигнал дека станува збор за Европа, која не може да прифати ниту демократски, ниту општествени промени, рече Цакалос, додавајќи дека сепак негов најголем кошмар би бил доколку еврозоната се распадне поради банкротот на Грција.

– Доколку Грција банкротира и излезе од еврозоната, тогаш еврозоната ќе се распадне. Ние од почетокот зборувам дека еврозоната е во опасност и дека еврото е во опасност, но не во опасност од СИРИЗА, туку од политиката на штедење, предупреди Цакалос.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.