Минатата недела навршија 1010 години од смрта на цар Самоил. Датум кој, со исклучок на градоначалникот на Охрид, на национално ниво не беше одбележан. Истиот датум го одбележа и нашиот источен сосед. Но, навистина го одбележа! Централната манифестација се одржала во Петрич. Покрај културно уметнички програма, на небото над Петрич 200 дронови ги илустрирале битките на Самоиловите војници. Претседателот Радев, кој бил дочекан со почесна гарда, одржал говор, а Патријархот на Бугарија ја предводел успокојната молитва. По овој повод Петрич е домаќин и на тридневна меѓународна конференција.
Осврнувајќи се на обраќањето на Претседателот Радев потребно е да се издвојат зборовите, кои всушност ги пренесоа скоро сите бугарски медиуми. Тој, во својот говор истакнал „… заветите на цар Самоил морално не’ задолжуваат Татковината секогаш да ја поставиме на прво место и да ја чуваме до крај… низ целиот свој живот Самоил ќе остане непоколеблив бранител на бугарската независност, на државноста и духовните традиции наследени од неговите претходници Крум, Борис и Симеон…“.
За да нема забуни, оваа компарација не е критика. Таа е укажување на неоспорниот факт дека државата и нацијата се бранат и одвнатре и однадвор. Одвнатре со постојано поттикнување на патриотизмот преку потсетување на живите на огромните жртви кои ги дале нивните претходници. Однадвор со постојано потенцирање на уникатноста и гомемината на сопствената историја. Во конкретниов македонско-бугарски „случај“ и со популаризација на бугарското гледање на средновековнтата историја. Едно е кога зборува градоначалник, друго е кога зборува претседател на држава. Целиот настан добива многу поголема и внатрешна и меѓународна тежина.
Испратените пораки од претседателот Радев имаат доминантно внатрешна употребна вредност. За Бугарите, како и за останатите цивилизирани народи, историјата има исклучително значење. Од едноставна причина! Без историја нема сегашност, а со самото тоа нема ни иднина. Не случајно старите Римјани рекле: „Историјата е учителка на животот“.
Гледано во контекст на македонско-бугарскиот спор, искажаните зборови на Претседателот Радев, јасно ја покажуваат неговата големина и комплексност. Македонско-бугарскиот спор, не е спор околу некои личности или настани. Тоа е спор за сегашноста и иднината на секоја од овие две држави и нации пооделно. Само наивните и злонамерните можат поинаку да размислуваат и зборуваат. Од време на време пласираната теза дека нема потреба да се вртиме кон минатото-важна е иднината, е резултат на делумниот успех на когнитивната војна која одредени центри ја водат кон Македонија.
Во моментов, македонско-бугарските односи се на најниска можна точка! Подолу можат да одат, но најверојатно нема. Нагоре, во догледно време, тешко. Цврстата позиција, која ја зазеде новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ има внатрешен легитимитет, во изборниот резултат. Оттука нападите кои доаѓаат од стрна на опозицијата се несериозни. За разлика од неа, владејачката партија победи со програма во која оваа цврста позиција беше образложена. Секоја евентуална промена на оваа позиција ќе значи измама. Иста или полоша од таа која СДСМ ја направи во однос на промената на името. При ова, во предвид требе да се земе уште нешто. Во услови на сеуште незалечените рани од насилната промена на името, нова насилна промена на историјата не ни е потребна. Таа ќе донесе само внатрешна радикализација!
Искажаната позиција, по ова прашање, од страна на премиерот и неговиот министер за надворешни работи делува разумно. Успешната дипломатија има едно основно правило. Разговори и само разговори! Без оглед колку и да траат, во еден момент картите ќе се поклопат. Доколку не се разговара, поклопувањето нема да се случи. Се разбира, дипломатските разговори секогаш треба да се следени и со соодветни активности на органите на безбедноста. Нова шарена револуција секогаш може да се случи. Дали на граѓанска или етничка основа, сеедно. Крајно е време Македонија да почне да учи од своите грешки.
Патот на секоја една држава кандидат за членство во Европската Унија, не оди преку отварање на преговорите и поглавјата. Тој пат оди преку затварање на поглавјата, а со тоа и преговорите. Кажано поинаку, тоа значи дека владата на Република Македонија, треба посветено да работи на внесување на европските стандарди и нивна целосна примена во сите сфери на општественото живеење. Само на тој начин целосно ќе се компензира одолговлекувањето на почетокот на преговорите заради бугарското вето. Но, за сето ова да стане успешна приказна потребен е уште еден услов. Тоа е целосна мобилизација на националната енергија во тој правец. Енергија која може да се создаде и да се насочи само со постојано поттикнување на патриотизмот. Кој како сака може да разбере, но требе да се каже. Без историја нема патриотизам! Без патриотизам нема европска иднина!
Автор: Јован Донев за НетПрес