Царина отвори истрага за Александар Трајковски

Царинската управа на Република Македонија вчера отворила истрага против царинскиот службеник Александар Трајковски во врска со неговото отсуство од работа, соопштија оттаму.

– Од царинскиот службеник побарана е изјава за отсуството од страна на инспектори од Секторот за професионална одговорност, и истиот го доставил Извештајот за привремена спреченост за работа, поврзан со неговото отсуство. Исто така, отворена е истрага и побарани се докази и извештаи од Фондот за здравствено осигурување. Истрагата е поврзана со почитувањата на правилата за ред и дисциплина на Царинската управа, Законот за работни односи (член 81) и Колективен договор – велат од Царина.

За текот на истрагата и резултатите од можна злоупотреба на отсуството согласно актите на Царинската управа и законските прописи, посочуваат оттаму, јавноста ќе бидат навремено информирани.

Трајковски беше фотографиран со избеганиот поранешен премиер Никола Груевски во Будимпешта. За отсуството од работа тој зема боледување, а вчера за првпат се појави пред новинарите во Македонија кога дојде на судење за „Насилството во Центар“. Тој потврди дека е на фотографијата, но рече дека во Бдимпешта отпатувал за да добие второ мислење за неговиот здравствен проблем со синусите и дишните патишта.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.