Царина се подновува со нови автомобили, Делукс си лапна уште еден тендер

Денеска на страницата за Јавни набавки беше објавен документ дека Царинската управа ќе се подновува со нови автомобили. Набавка на нови 12 возила од вредност на 294.024 евра или поточно 18 милиони 82 илјади и 532 денари, и тоа модел Шкода Октавија произведена оваа година. На понудата биле доставени две понуди од кои е избрана ДЕЛУКС – АУТО ДООЕЛ увоз извоз Куманово.

Директорот Ѓоко Танаскоски набавил и уште едно возило Шкода Суберб и тоа вредно 31.176 евра или околу 1 милион и 900 илјади денари.

Според Електронскиот систем за јавни набавки Царинската управа од почеток на оваа година па до денес покрај автомобили од 325 илјади евра, имаат потрошено уште 834.284 евра или вкупно 1.159.484 евра, пари од државниот буџет.

Според јавно достапните информации, лани ДЕЛУКС – АУТО Куманово склучила договори и со други институции, како Централниот регистар, Македонски енергетски ресурси, министерството за одбрана како и ЈП ЗА Водоснабдување Кичево.