Цароска, Рушити, Камбовски, Митревска се соучесници во образовниот криминал во високото образование

Дека состојбите во високото образование во Република Македонија се алармантни и загрижувачки пишуваво во повеќе мои написи во последниве неколку седмици, кои  беа објавени во печатени и електронски медиуми. За меѓународниот скандал на Универзитетот во Тетово, односно на Медицинскиот факултет кои се откриени преку  истражувачката сторија и публикација на „Веритас“ по однос на разни докторати, плагијати кај одредени професори на Медицинскиот факултет, каде се наведени примери од седум лица наставен кадар на овој универзитет за чии научни трудови е утврдено дека се плагијат.

Но, и покрај оваа и уште многу други неправилности, за ова и други незаконитости, ректорот на Универзитетот во Тетово, бара да се „протуркаат“ 15 докторанти со докторски плагијати. Откако е одбиено барањето од страна на деканот,  ректорот го суспендира од деканското место. Овој меѓународен скандал доби пошироки размери на Балканот и пошироко, спомнувајќи го тетовскиот и крагуевачкиот универзитет од Република Србија. Додека во Србија, министерот за образование и наука го разрешува тамошниот ректор и се покреваат истражни мерки за откриени незаконски добиени докторски титули од Косово и Македонија и истрагата е на највисоко ниво со ангажирање на сите институции. Овде кај нас почнувајќи од Владата на Р.Македонија, и сите надлежни органи и институции (премиерот има специјален советник за образование  во професор д-р Татјана Стојановска Иванова, министерката за образование и наука Мила Цароска и нејзиниот заменик министер) за откриениот меѓународен образовен скандал изјавуваат дека не се надлежни, а исто таков ноншалантен однос демонстрираат и првите луѓе од Агенцијата за квалитет во високото образование и нивните органи Одборот за акредитација и Одборот за евалуација на високото образование, не реагираат, не се огласуваат.

Како што вели народот: „Кучињата лаат, карванот си врви“. Тоа е со нашите надлежни институции. Но, ајде да се тргне по ред:

Согласно Законот за високо образование (Сл.весник на РМ бр.08.05.2018), се формира Агенција за квалитет за високо образование, со два органи кои се во составот на Агенцијата и тоа Одбор за акредитација и Одбор за евалуација на високото образование. За формирањето на Агенцијата за квалитет на високото образование тогашниот заменик министер за образование и наука професор д-р Пeтар Атанасов на 12.12.2018 година ќе изјави: „Со формирањето на Агенцијата за квалитет во високото образование нема повеќе да се говори „политичарите се виновни“, туку ќе се стави ред во оваа област“. Дали е така?

За читателите да објаснам. Агенцијата за квалитет на високото образование има ингеренции да утврдува дали со проектот за основање на високообразовни установи и поднесената документација се исполнети условите за вршење на високообразовната дејност. Агенцијата ќе носи решенија за акредитација, за основање на самостојни приватни или приватно јавни високообразовни установи. Ќе утврдува исполнетост на условите за организирање на студии за нови студиски програми во високообразовните установи и го утврдува капацитетот за студирање на високообразовните установи, а потоа постојано ќе следи дали се исполнуваат барањата и ќе има овластување да одзема акредитации. Ова теоретски е многу убаво срочено во ЗВО. Исто како што е убаво срочен и законскиот рок за формирање на оваа Агенција ( една година од стапувањето во сила на новиот ЗВО од 2018 година), рок кој длабоко го прегазија надлежните кои возбудено и со фанфари ја најавуваат новата зора во високото образование во нашата земја!.

Што покажува практиката, некои примери

Со Агенцијата за квалитет во високото образование-раководи и нејзин директор е Агим Рушити, кој треба да ги проверува универзитетите во Македонија. Доаѓа од секторот за високо образование при МОН. Докторски студии завршил по математички науки на Факултетот за информатички науки на универзитетот во Нови Пазар, Србија, (овој универзитет е познат по многу образовни меѓународни скандали на магистри и докторати. Затоа е потребно независна експертска комисија да ја провери точноста на докторската титула на Агим Рушити, како и стекнатите наставно-научните звања на градоначалникот на Струга – Рамиз Мерко и нотарката Беса Кадриу на Струшкиот универзитет без нострификација од МОН, а чии дипломи и покрај законската обврска, остануваат ненострифицирани од страна на МОН!) Ова е сериозен прекршок законски, кои докторирале на универзитетот во Нови Пазар, за ова треба да се ангажираат одделението за нострификација во МОН, но исто така и МВР. Агим Рушити со титула доктор на педагошки науки се стекнал на Филозовскиот факултет на УКИМ-Скопје. И тоа го стекнува во време кога бил раководител во секторот за високо образование при МОН. Истиот го ангажираат на Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, како насловен вонреден професор (извршен му е избор во наставно-научно звање), истовремено е и насловен вонреден професор и на Факултетот за информатички науки при при Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје. Што може да се констатира дека има судир на интереси и злоупотреба на својата службена должност! Дотолку повеќе што според новиот Закон за високо образование „едно лице не може да биде избрано во насловно звање на повеќе од еден универзитет“.

Тогаш како да очекуваме дека гореспоменатата Агенција за квалитет под раководство на именуваниот Агим Рушити може да врши контрола на универзитетите каде се откриени и има доста незаконитости, кога самиот Агим Рушити скандалозно ги има прекршено правилата и стандрадите кои треба да ги контролира и спроведува. Да не се заборави и фактот дека директорот Агим Рушити е активен член на политичката партија ДУИ, партиципиент во Владата на Република Македонија. Дали не ни е веќе на сите јасно, зошто директорот Агим Рушити молчи и недава никакви изјави за скандалите во високото образование, поконкретно на Универзитетот во Тетово со плагијати, докторски плагијати на научни трудови, докторски дисертации и слично, кои преставуваат најголем срам за академската фела. Чин со кој се прегазува професионалната етика, моралноста и високото образование во Република Македонија.

Затоа г-дине Рушити, и тоа како сте должни да одговорите на актуелните скандали кои го тресат македонското образование, а од кои се срамите сами, без оглед што срамот не е наш. Дали ќе го преиспитате Универзитетот во Тетово, втор и трет циклус и нивните дипломи добиени од други замји? Дали ќе го преиспитате Универзитетот во Битола, каде што има голем број студенти за постдипломски студии од Косово, но и на други универзитети?

Како што треба да одговорите и како функционираaт факултетите на приватниот Европскиот универзитет, Струшкиот факултет, ФОН-универзитетот, Битолскиот и Тетовскиот универзитет, Факултетот за Безбедност, Ветеринарниот факултет во Битола и други, кога немаат соодветен кадар (согласно ЗВО) или оној Струшкиот на Рамиз Мерко, каде има и имаше влијателни судии од Управен суд и од Апелациониот суд од Битола? А, секако да не се заборави и приватниот универзитет МИТ-Скопје, за кого кривичната пријава за сериозни прекршувања на ЗВО, а за кои дури се вмеша и една странска амбасада, се уште дреме во некоја фиока. Очекувам да одговориш, како глава на институцијата која треба да го обезбеди редот во високото образование, кој согласно напред напишаното е очигледно прекршен!

Академик Владо Камбовски го води Одборот за акредитација за високо образование, односно е претседател на истиот одбор. За неговата работна активност како професор по Кривично право и правни науки нема да говорам. Но, може да се каже по пензионирањето, зема активно учество и се активира во разни матични комисии за формирање на приватни универзитети, како и активно учествува како ректор на приватниот ФОН универзитет! Па, со право академската фела го поставува прашањето: Дали академикот Камбовски има контрола врз акредитирање и реакредитирање на студиски програми на универзитетите (факултетите)? Ќе поставам конкретни прашања: Зошто господин Камбовски го штитите приватниот универзитет ФОН-Скопје? Дали се акредитирани студиските програми на англиски јазик на овој универзитет? Да, треба да одговорите лично вие. Што сте презеле за незаконитостите на овој (твој) универзитет? Дали има соодветен наставен кадар согласно ЗВО? Јас велам дека нема. Кои се странците на овој твој универзитет? Понатака, ве прашувам: Што е со огромниот број студиски програми кои се заглавени во постапките за (ре) акредититација во Одборот, а со кои безочно се блокира работата на некои од непривилигираните факултети? Како ќе се акредитира новиот Правен факултет на универзитетот „Мајка Тереза“- Скопје, кои немаат соодветен наставен кадар или Студиска програма по Царина-шпедиција и осигурување, на овој политички универзитет?

Академик Камбоски, треба за ова да одговорите. Очекувам да одговориш. Дали сносиш одговорност и си соучесник за овој образовен криминал во високото образование во Македонија? Треба гласно и јасно да одговориш. Ова од тебе и се очекува како член  на МАНУ, во спротивно ги кршиш и нивните правила и етички принципи како највисока научна институција во државата!

Претседател на Одборот за евалуација на високото образование, односно вреднување на акредитираните студиски програми на јавните и приватните универзитети е професор д-р Марина Митреска. Претходно беше член на Одборот за акредитација, но лично со подршка на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е поставена за претседател на Одборот за евалуација за високо образование. Активен член на политичката партија на СДС. Оваа професорка, која многу љуби да биде на функција (притоа за да знае јавноста, нејзиниот сопруг е во кабинетот на Јавниот обвинител на Република Македонија и раководи со тој кабинет!), лично ќе одговара пред судот на правдата затоа што со непостапување не ги извршува надлежностите од Законот за високо образование за делот на евалуација и со подзаконските акти кои самата ги има донесено. Да, нејзиното непревземање  на активности, значи неизвршување на дејствија, што е казниво со КЗ.

Сакам да ја запознам домашната и меѓународната јавност дека по донесувањето на Законот за високо образование, овој Одбор за евалуација на високото образование, што го води професор д-р Марина Митреска, нема извршено ниедна евалуација (вреднување) на ниеден јавен и приватен универзитет во Македонија. Во нормална и правна држава веднаш после вакви образовни скандали во високото образование си поднесува оставка. Ама таму постои високо развиена свест и чувство за одговорност и при помали аномалии во високото образование. А, кај нас? Кои се одговорни за ваквите аномалии во високото образование. Како го оправдуваат нивното постоење како орган, кога ништо не сработиле?! Колку финансиски парични средства земаа за неработење? Самиот овој чин доволно говори за учество и самоучество во образовниот криминал во високото образование, состојби кои се загрижувачки и алармантни.

Ги повикувам, Агим Рушити, академик Владо Камбоски, Марина Митреска, не изоставајќи ја и Мила Цароска, да си поднесат неотповиклива морална оставка. Тие се виновни за криминалите и состојбите во високото образование. Заради нив, што образованието е таму каде што е. На дното! Ако имате малку доблест, и не сте отуѓени од разумот и свеста, веднаш треба да си одете. Ги очекувам вашите оставки. Одговорете!

Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес