Царовска ја повлекла спорната реформа со е-учебници?

После силните реакции од јавноста, од собраниска процедура вчера е повлечен Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, објави на својот Фејсбук профил, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

Воведувањето на дигитални учебници кое го најави министерката за образование и наука, Мила Царовска, а треба да започне со четвртоодделенците од септември годинава, предизвика големо незадоволство кај родителите, но и стручната фела. Своја реакција на оваа реформа имаше и Сојузот на средношколци.

За реализација на оваа спорна реформа, периодов се изработуваше сосема нов закон за учебници, според кој, сите учебници од четврто до деветто одделение ќе бидат достапни само во дигитална форма.

Односно материјалите за учење учениците ќе ги имаат на компјутер, а ако некој ги сака во хартиена форма ќе треба да си направи фотокопии. Особено се поставува дилемата како ќе учат од дигитални учебници децата кои немаат ИТ уред? Воедно се воспоставува еден дискриминирачки односм меѓу децата со тоа што тие што немаат можности ќе треба да учат од фотокопии, а другите од електрони учебници.

Царовска досега не отстапуваше од најавените реформи, велејќи дека децата ќе го видат бенефитот на дигиталниот учебник. Но, печатењето на дигиталниот учебник, ќе падне на товар на родителите, ако некој сака лекциите да ги учи на класичен начин.

„Тоа не е учебникот што до вчера го имавме со милијарда факти внатре и само напишан и ставен во ПДФ. Концептот на учење е таму да има примери, насочувања кон истражувања. Секој родител кој смета дека нема да може неговото дете да учи електронски ќе може да си го испечати учебникот и нема да има проблем“, вели Царовска.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.