Царовска: Ќе имаме предизвици и во наредниот период, процесот нема да биде лесен

Ќе имаме предизвици и во наредниот период, процесот нема да биде лесен, периодот за подготовка беше краток, но мислам дека имаме основи да кажеме дека училишната година ќе почне организирано и дека ќе имаме пристап до образовен процес кој ќе биде добар и да се надеваме дека согласно со епидемилошката состојба тој ќе биде и динамичен, и дека ќе имаме успешна 2020/2021 година, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска при посетата на две основни училишта во Гази Баба.

Повика на трпение од сите засегнати страни и грижа, пред сè, за наставниците кои, како што рече, го трпат најголемиот притисок во овој момент. Ги повика учениците, родителите, наставниците, директорите и градоначалниците заедно да придонесат во процесот.

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски рече дека за успешен старт на учебната година се подготвени сите 11 основми училишта во општината – и за онлајн-настава и за фиизичко присуство, навремено се разработени протоколите, а набавени се и компјутери за наставниот кадар, како и таблети за учениците.

– Со средствата што ги заштедивме од блок-дотациите од МОН и од Општина Гази Баба обезбедивме 350 компјутери, а остатокот е од фирмите кои ги донираат таблетите за ученици што ги немаа за следење онлајн-настава. Во донацијата учествуваа повеќе од 15 фирми од општина Гази Баба, рече Георгиевски, додавајќи дека се вклучиле и родители со донирање користени ИТ-уреди.

Претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК Јаким Неделков го пофали градоначалникот Георгиевски и го посочи како добар пример и за другите градоначалници како да ја подобрат инфраструктурата и да обезбедат компјутери, лаптопи и помагала за донирање на ученици од социјално ранливи семејства.

Останува, рече тој, да се договори начинот на решавање на проблемот со зголемениот обем на работа на наставниците и вишокот фонд на часови, евентуално со отоврање на дневниот престој. Набргу очекува да се договори заемно прифатливо решение кое Синдикатот и МОН ќе го соопштат пред наставниците.