Царовска ги повика бизнисмените да кажат какви кадри им се потребни

Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување, бизнис-заедницата, локалниот економско-социјален совет и останатите засегнати страни денеска во Скопје ја одржаа последната регионална средба за креирање на новиот Оперативен план за активни мерки за вработување за 2020 година.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, го повика бизнис-секторот до крајот на следната недела да ги дадат своите предлози каков кадар им е потребен на компаниите во Северна Македонија за да се искреираат корисни и квалитетни мерките за вработување за идната година за Оперативниот план за 2020 година.

„Мерките се успешни кога се креираат според потребите на даден регион и за тоа веќе имаме успешен пример од минатата година. Верувам дека со добро планирање и сугестиите што ќе ги добиеме од бизнис-секторот можеме да го зголемиме бројот на вработувањата, но и да го обезбедиме потребниот кадар што недостига на компаниите и тоа ќе биде во интерес на сите“, рече Царовска.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, истакна дека улогата на АВРСМ е да биде вистински сервис за невработените, но и за бизнис-заедницата.

„Министерството за труд и социјална политика ги креира мерките за Оперативниот план со цел истите да бидат успешно имплементирани. Имаме успешна релизација во 2018 година којашто е над 95 %. Ваква висока реализација очекуваме и годинава”, истакна Јовановска.

Денешната средба во Скопје беше организирана со поддршка на проектот за Зајакнување на социјалниот дијалог, кој го финансира ЕУ, а го спроведува Меѓународната организација на трудот. Претходно регионална средба за ОП 2020 се одржа во Тетово, Струмица и Битола.