Царовска: Креиравме мерки за поддршка на сите граѓани

Под мотото „Се грижиме за сите“, денеска на прес-конференција вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, министерот за образование и наука Арбер Адеми, заменик-министерот за труд и социјална политика Ѓонул Бајрактар, дополнителната заменик-министерка Санела Шкријељ и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, ги презентираа мерките кои се однесуваат на поддршка на граѓаните во периодот на пандемијата на Ковид -19.

Царовска истакна дека во креирањето на овие мерки се воделе од принципот на недискримација и почитување на човековите права.

-Креиравме мерки за работниците, за формалните и за неформалните, за младите, возрасните, за децата, за социјално ранливите категории на граѓани, за лицата со попреченост. За сите што имаат потреба од поддршка, но во овој период таа треба да биде позасилена, рече Царовска.

Потсети на сите мерки што досега се реализирани – воспоставени се протоколи за заштита на работниците и на работни места, обезбеден е олеснет пристап во социјална зашитита, систем за образование на далечина, организирани се волонтерски услуги и сервиси за повозрасните, систем за пријавување насилство, децата со попреченост имаат можност да се движат независно од полицискиот час, лицата со попреченост добиваат лична асистенција и може да ги осварат постоечките права без да имаат контролни прегледи. Царовска ги повика граѓаните да ги користат сите овие мерки.

– Заедно со синдикатите, стопанските комори, граѓанските организации, но и со работодавачите ја следиме имплементацијата на сите мерки кои се донесени за да видиме каде може подобро да се справиме со проблемите што се јавуваат. За да ја спречиме злоупотребата на кризата и на мерките, навистина имаме интезивна работа на инспекторатите. Тие спроведоа повеќе од 33 илјади надзори во минатиот период, издадени се 37 решенија за 28 фирми,140 работници се вратени на работа, кои биле неправедно отпуштени во минатиот период, потенцира Царовска.

Апелираше компаниите да ги корисат мерките што се економски и што ги носи Владата со цел да си помогнат себе си, на работниците и на економијата. Кол ценатрот, како што рече е достапен за сите граѓани и компании на 02/3248040.

Царовска изрази благодарност до сите граѓани кои ги почитуваат мерките, се грижат за своето и за јавното здравје, до здравствените работници и до сите работници кои изминатиот период работеле и му служеа на општеството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.