Царовска најави од септември онлајн запишување на учениците од прво одделение

Уписите во основното образование од септември ќе бидат во дигитална форма и тоа е нешто на што работевме во изминатиот период, изјави министерката за образование и наука Мила Царовска на конференцијата за дигитализација на јавните услуги во областа на образованието.

Царовска истакна дека нејзиниот мандат го одбележуваат токму реформите во основното образование и таа изрази надеж дека родителите ќе ја користат оваа можност за онлајн уписи на првачиња.

-Ќе биде овозможено онлајн запишување на учениците од прво одделение и се надевам дека родителите ќе ја искористат оваа можност и повеќе нема да се создаваат големи гужви во училиштата – истакна Царовска.

Покрај ова, на конференцијата за дигитализација беше истакнато и дека се дигитализирани и постапките за нострификација на дипломи и свидетелства стекнати во странство, како и онлајн можност за апликации на студентите за доделување на стипендии.