Царовска: Периодот за користење на домашните платежни картички ќе биде пократок

182

Приговорите за домашните платежни картички нема да пропаднат, граѓаните ќе ги остварат своите права, но периодот на трошење на средствата ќе биде пократок ако не се изнајде друго решение, рече денеска вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.

Одговорајќи на новинарско прашање, Царовска објасни дека во моментов Владата нема моќ да ги продолжи роковите за користење на картичките зашто тие се дефинирани во уредби со законска сила.

-Уредбите беа донесени во вонредна состојба. Сега сме во поинаква ситуација. Ако се воспостави Собранието побрзо и ако се оди кон одредена законска измена, но сметам дека тоа е прекомплицирано за сега да може да се направи. Може да се отвори како дискусија на Влада, ако има одреден став ќе може да го презентираме, но роковите се поставени во уредби со законска сила, кои немаме моќ во овој момент да ги менуваме. Нашите овластувања и моќ во овој момент не се такви – истакна Царовска.

Вицепремиерката нагласи дека се очекува поскоро формирање на владата и парламентарниот состав, за да може да се донесе и четвртиот пакет мерки за економска поддршка.

-Во овој момент Владата нема моќ да носи уредби или пакети на поддршка, но очекуваме да се формира брзо нова влада, да се воспостави собраниското мнозинство и на тој начин да се воспостави и четвртиот пакет за поддршка и на граѓаните што беше најавен, но и на компаниите кои имаат потреба или најзагрозените сектори. Во моментов тече Програмата за поддршка на инвестиции, голем дел од компаниите аплицираат и во Министерството за економија во делот на конкурентноста. Добро е да се искористат и овие средства за развој на компаниите кои решиле во овој период да инвестираат – рече Царовска.

Заклучно со 25 јули се издадени над 300.000 домашни платежни картички. Сите приговори се обработени и од вкупно поднесените 46.000, прифатени се 9.200.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.