Царовска: Приоритет е да ја започнеме учебната година

Суштински реформи во основното образование, јакнење на средните стручни училишта, подобрување на оценките на меѓународните тестирања и враќање на достоинството на просветните работници и нивна лична мотивација. Вака гласат целите за четиригодишниот мандат на новата министерка за образование Мила Царовска, која денеска официјално ја презеде должноста од нејзиниот претходник Арбер Адеми.

Сепак, Царовска на средбата истакна дека нејзиниот прв предизвик е започнување на учебната година 2020/2021 во услови на пандемија на коронавирусот.

„Врвен приоритет е да ја започнеме учебната година, но и да создадеме образование со коешто ќе се гордееме“, најави таа.

Царовска на состанокот со Адеми го повтори ставот на новата Влада за учебната година да започне на први октомври со комбиниран модел на настава. За таа цел веќе се подготвени и усвоени протоколи за учење со физичко присуство, а најави и дека во тек е изработка на единствена национална платформа за учење на далечина.

На примопредавањето на функцијата, Царовска и Адеми разговараа за тековните процеси во Министерството за образование и наука, како и за идните планови и предизвици.

Новата министерка за образование и наука истакна дека е свесна дека секој наставник, ученик, родител има свои желби и размислувања за тоа како треба да изгледа наставата, но според неа треба да се најде балансот помеѓу заштитата на јавното здравје и учењето.

Царовска на функцијата министерка за образование и наука доаѓа од позицијата вицепремиерка за економски прашања во Владата којашто ја извршуваше од почетокот на годината. Претходно, речиси три години, Царовска беше министерка за труд и социјална политика.