ЦЕФТА: Зелените коридори ќе се прошируваат и кон соседните земји,

Проширување на зелените коридори кон соседните земји-членки на ЕУ, понатамошно усогласување на процедурите во рамките на ЦЕФТА преку договорите за заемно признавање, градење на регионален пазар за е-трговија и воспоставување на механизам за решавање спорови се четирите приоритети за кои денеска разговарале министрите за економија од Западен Балкан,  партнерите од Берлинскиот процес, Комисијата, Советот за регионална соработка, ЦЕФТА, меѓународните и регионалните организации во рамки на Берлинскиот процес.

– Овие активности ќе ги намалат трошоците за трговија и времето поминато на премините, ќе овозможат производите и услугите побрзо да стигнат до пазарот на ЦЕФТА и ќе ги отстранат нетарифните бариери меѓу страните – изјави Емир Ѓикиќ, директор на Секретаријатот на ЦЕФТА.

Министерот за економија Крешник Бектеши рече дека во рамките на регионалната трговска агенда, активностите на ЦЕФТА се насочени кон олеснување на трговијата со стоки и услуги и воспоставување регионален пазар за е-трговија.

– Пазарот за електронска трговија на ЦЕФТА денес се проценува на околу 1 милијарда евра, со силен раст. Нашата работа е да овозможиме пристап до овој пазар за млади и креативни луѓе кои можат да создадат работни места за повеќе млади. Треба да извезуваме стоки и услуги преку Интернет, ЦЕФТА одобри патоказ за да се води нашиот пат кон отстранување на најголемите бариери за прекугранична дигитална трговија – рече Бектеши.

Во рамките на Сесијата за Зелената агенда, учесниците дискутираа за резултатите од Зелените ленти и ја поздравија иницијативата за нејзино проширување кон соседните земји-членки на ЕУ.