Целата процедура околу уставните измени е јасна и транспарентна, смета Ковачавски

Сметам дека сите политички партии и сите политичари коишто декларативно се за членство во Европската Унија, сега треба да покажат дека се и реално со одлуки, со одлучност и со визија за членство во ЕУ. Одговорноста за тоа е на сите политички партии, не само декларативно, туку реално, истакна премиерот Димитар Ковачевски на денешниот настан посветен на хуманоста и солидарноста со настраданото население на Турција и Сирија.

Тој одговарајќи на новинарско прашање околу тоа како ќе се спроведат иставните измени, рече дека една од одлуките којашто треба да се донесе на патот кон ЕУ е и изгласување на уставни амандмани со цел остварување на обврските коишто произлегуваат од заклучоците коишто Собранието ги донесе со мнозинство гласови во текот на месец јули минатата година и коишто се дел од преговарачката рамка со 27 земји членки на ЕУ, исто како преговарачките рамки коишто ги имаат и други земји кои преговараат и имаат обврски кои треба да ги спроведат.

– Уставните измени според тоа не се ниту еден човек што треба да ги спроведе, не се ниту процес на една политичка партија, ниту процес на една Влада, туку тоа е процес пристапување кон ЕУ којшто е за целото општество заради остварување на повисок стандард, повисоки плати и да можат нашите граѓани да живеат на земја членка на ЕУ, ама тука, во нашата држава во Северна Македонија, а не да живеат во ЕУ во туѓина, во други држави кои што се членки на ЕУ – потенцираше премиерот.

Тој истакна дека уставните измени се пропишани со закон, и оти целата процедура е многу јасна и транспарентна, којашто се води од страна на Министерството за правда со експертска група која што ќе биде формирана, во која што ќе учествуаат сите експерти, а потоа истиот процес се спроведува во Собранието.

– Ние како држава покажавме дека сме фактор за стабилност на Балканот и најголемата потврда за тоа дојде на крајот на минатата недела кога во Скопје се одржа Советот за асоцијација и стабилизација со ЕУ каде што сите можевте и заедно со нашите граѓани да ги чуете јасните ставови на потпретседателот на ЕУ и на комесарот за проширување во коишто јасно кажаа дека преговарачката рамка за нас е многу јасна, која што е поддржана од сите 27 земји членки – рече Ковачевски.

Владата ќе спроведе сѐ

Владата ќе постапи во секое време согласно со наодите и заклучоците на која било институција во државата во однос на проектот за изградбата на коридорите 8 и 10д, посочи премиерот.

Ковачевски потсети дека веќе ги повикал Антикорупциската комисија и Обвинителството да ги испитаат сите информации и врз основа на тоа да донесат одлуки.

– Тоа го потврдивме со тоа што сите документи што се дел од тендерската постапка и што беа спроведени врз основа на Законот за овој проект, изгласан од Собранието и потврден од Уставниот суд, се јавно објавени на Бирото за јавни набавки согласно со сите спроведени процедури. Минатата недела веќе кажав дека сите институции треба да работат согласно своите надлежности, тука пред се мислам на Антикорупциската комисија и на Обвинителството кои што треба секоја информација да ја испитаат и врз основа на тоа да носат одлуки – изјави Ковачевски.

Прашан дали Владата е подготвена да ја повтори тендерската постапка, тој нагласи дека „сѐ што ќе произлезе од овие постапки нормално дека Владата ќе го спроведе“.

Ковачевски минатата недела апелираше Антикорупциската комисија и Јавното обвинителство да постапат околу објавите и сомнежите што се пласираат во јавноста за избраниот надзор за изградбата на делниците на коридорите 8 и 10д  бидејќи, како што порача тогаш, мора точно да се знае што е шпекулација, а што е вистината во овој голем проект.

Надзорот за проектот го доби конзорциумот ИРД со уште три фирми како подизведувачи, а американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ ќе биде ангажиран и за проектирање и за градба.

Предвидена е изградба на четири автопатски делници во должина од 108,8 километри, а планираната инвестиција е 1,3 милијарди евра, без средствата за експропријација.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.