Целиот Сиднеј во двонеделен карантин

Целата австралиска метропола Сиднеј е воведена во двонеделен карантин по порастот на бројот на новозаразените со коронавирусот, јавуваат во саботата медиумите.

Повеќе од милион жители во централните и источните квартови на Сиднеј веќе беа ставени под ограничување на движењето, откако беше забележан експоненцијален скок на бројот на коронаинфекциите.

Покрај тоа, изминатите денови во Сиднеј се потврдени повеќе од 80 случаи на зараза со новооткриената „делта“ варијанта на коронавирусот, која се смета за многу позаразна и отпорна на вкацините против Covid-19.

Затворањето сега го опфаќа целиот град, па и некои приградски области, а е продолжено од една на две седмици.

Премиерката на австралиската сојузна држава Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан, порача дека жителите во целиот Сиднеј со околните подрачја Блу Маунтинс, Централ Коуст и Волонгонг, ќе мора да останат во своите домови до 9-ти јули, со што се опфатени околу пет милиони луѓе.

„Кога станува збро за позаразните варијанти, како на пример ‘делта’, тридневното затворање ништо не значи, доколку го правиме тоа, ќе го сториме тоа како што треба. Мораме да се подготвиме за можен голем број случаи на заразата следните денови“, предупреди Береџиклијан.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.