Целосно раконструиран патот кон Страгово и Крњево

Премиерот Никола Груевски денеска изрази задоволство од пуштањето во употреба на реконструираниот пат од месноста Ладно Долче кон селата Страгово и Крњево во кавадаречко. Тој нагласи дека патниот правец е од посебно значење за многу граѓани од регионот, особено поради тоа што е најзначаен спореден пат кон висорамнината Витачево, пренесе МИА.

– Патот е од секојдневна важност за повеќе села како Страгово, Крњево,  Чемерско, Бохула, Горна и Долна Бошава. Воедно, патот е од посебно значење и за шумското стопанство, локалните земјоделци и лозари, но и за сите граѓани кои одовде се упатуваат кон поволните излетнички места и посебно кон ски центарот Кожуф, нагласи Груевски, додавајќи дека патот во изминатиот период беше во многу лоша состојба со ширина од 3 метри и со многу нерамнини и дупки.

Токму поради неговата лоша состојба во минатото, рече тој, сообраќајот се одвиваше отежнато, а возачите многу често се жалеа на безбедноста. Потребата од негова поправка и реконструкција, нагласи, беше неминовна.

– Ние како Влада издвоивме 46 милиони денари со кои се изведе комплетна реконструкција и проширување во должина од околу 5 километри. Градежните активности завршија минатата година и граѓаните веќе ги почувствуваа придобивките од овој пат, рече премиерот Груевски.

Тој нагласи дека сега комуникацијата е побрза, а безбедноста поголема. Оваа реконструкција според него е дел од низата проекти за подобрување на патната инфраструктура во државата. Потсети дека претходно на територијата на општина Кавадарци беа извршени и други реконструкции на патишта како тој кон висорамнината Витачево, кон селата Ресава и Бегниште и патот од  Кавадарци кон Неготино на кој се планираат и дополнителни активности.

– Секако од големо значење за регионот е и изградбата на брзиот пат од Градско кон Прилеп кој ќе започне да се гради годинава. Со сите овие проекти е направена голема ренесанса во патната инфраструктура во овој дел на Македонија. Но, не само во патната инфраструктура бидејќи во изминатиот период реализирани се голем број проекти во многу значајни области, рече премиерот Груевски притоа посочувајќи ја и изградбата на спортските сали во две училишта, повеќенаменско игралиште во едно училиште, како и две тениски игралишта кои се во изградба.

Груевски ја спомена и фабриката на „Дрекслмаер“ во која има 4.800 вработени со потенцијал за зголемување на оваа бројка за околу 400 до 500 работници. Со оваа инвестиција, додаде тој, се намали процентот на невработеност во Кавадарци. Се осврна и на винаријата „Стефан вајнери“ која, како што рече, влијае на подобрување на политиката при откуп на грозје. Најавени се, додаде, и други локални инвестиции кои ќе влијаат на локалната економија.

– Покрај „Дрекслмаер“ почнаа да доаѓаат и други компании кои се снабдувачи на германската фабрика, а кои дополнително вработуваат. Ние и понатаму ќе помагаме на Кавадарци и регионот како во патната инфраструктура така и во сите други сегменти од животот кои го прават животот на граѓаните поубав, а нашата земја помодерна, нагласи Груевски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.