Целосно се контролираат месото и јајцата во продавниците пред Велигден, уверуваат од АХВ

Засилен е мониторингот на продажните места за месо и јајца пред велигденските празници, изјави денеска директорот на Агенција за храна и ветеринарство, Николче Бабовски, oдговарајќи на новинарски прашања, на форумот на директори на ветеринарните служби од регионот на Западен Балкан.

Тој посочи дека од досегашните контроли на инспекторите, немало отстапување од правилникот за храна.

– Увозот на храна во државава е контролиран од страна на нашите инспекциски служби и економските оператори кои се занимаваат со трговија со прехранбени производи на пазарот не можат да постават небезбеден производ. Целосно се контролира узвозот на храна, преку мониторинг програма за секојдневна контрола, изјави Бабовски.

Зголемувањето на цената на прехранбените производи од животинско потекло, според него, е поради тројно повисоките цени за храната за животни на светските берзи.

Во однос на влијанието на руско-украинската криза врз квалитетот и количините на храна, директорот на АХВ нагласи дека се контролира увозот.

– Храна ќе имаме, но може да се случи народот да биде гладен поради високи цени. Веќе има повик од Министерството за земјодлество за нови концесии, за да не остане необработено земјоделското земјиште, а и храната да биде безбедна, рече Бабовски.